Власта задоволна од начинот со кој се справува со пожарите, опозицијата обвинува
Задоволен сум што во тешки услови со температури од 40 степени и ветер со брзина од 100 километри на час успеавме пожарите да ги ставиме под контрола – вели премиерот Мицкоски. Државата покажа неспособност да се справи со огнената стихија, обвинуваат од СДСМ...

Задоволен сум што во тешки услови со температури од 40 степени и ветер со брзина од 100 километри на час успеавме пожарите да ги ставиме под контрола – вели премиерот Мицкоски. Нагласи дека не само што има индиции туку и приведени за подметнување на дел од пожарите. Девет пинцгауери и две од оклопните пренаменети возила исфрлиле 300 тони вода, што е еквивалентно на 75 прелети од полициските и армиските хеликоптери. Шефот на владата со став-опозицијата и како што ги нарече, лешинарите блиски до неа, најмалку што може да зборуваат е дека не се справуваме со пожарите.
Државата покажа неспособност да се справи со огнената стихија, обвинуваат од СДСМ. Предлагаат со ребалансот да се одвојат пари за справување со пожарите. Барале и вонредна координација кај спикерот Гаши за да се разговара како може парламентот да помогне во справувањето со огнената стихија.
И додека опозицијата вели дека од ланските пожари до сега власта не направила ништо и не преземала конкретни чекори, премиерот Мицкоски одговара дека сега службите се далеку поподготвени, а механизацијата е ставена во целосна оперативност. Владата прогласи и 30-днева кризна состојба.
Пожарите опасност за здравјето, по вдишан чад лекарска помош побарале неколку лица. Има и хоспитализирани на Клиниката за токсикологија. Особено опасно е горењето на отпадот во депониите
Миле А. Ристески
