Чибишев: Пожарите на депониите се особено опасни, се шират високи концентрации на отровни гасови
Доброволци, пожарникари, полицајци, возач на итната медицинска помош – 18 лица кои учествувале во гаснење на пожарите, побарале помош на токсикологија поради вдишан чад. Имале потешкотии со дишењето, кашлица, главоболки, вртоглавици. Доктор Чибишев вели пожарите на депониите се особено опасни, за кратко време високи концентрации на отровни гасови се шират во воздухот...

Доброволци, пожарникари, полицајци, возач на итната медицинска помош – 18 лица кои учествувале во гаснење на пожарите, побарале помош на токсикологија поради вдишан чад. Имале потешкотии со дишењето, кашлица, главоболки, вртоглавици. Шестмина неколку дена биле хоспитализирани, сè уште на лекување сè уште двајца. Доктор Чибишев вели пожарите на депониите се особено опасни, за кратко време високи концентрации на отровни гасови се шират во воздухот.
„Се ослободуваат и пареи на тешки метали кој и на краток и на долг рок, а особено на долг рок можат да предизвикаат сериозно здравствени нарушувања затоа што тешките метали имаат долг рок на распаѓање, долго се задржуваат во организмот, може да се депонираат во одредени органи и да предизвикаат пореметување на нивната функција, тука би го истакнал депонирањето во коскената срж и да предизвикаат пореметувања во зреењето на крвната лоза, но и сериозни крвни заболувања“, вели проф. д-р Андон Чибишев – директор на Клиниката за токсикологија.
Тим од армиската чета за атомско биолошка и хемиска одбрана ќе го испитува квалитетот на воздухот по пожарот во Визбегово, каде гореше отпадот за старо железо, односно хаварисани возила.
Познавачите велат, проблем е нефункционалниот систем за управување со отпад, на депониите не се знае што гори.
„Наместо депонии имаме нестандардни ѓубришта, а не депонии и отпадот не се управува соодветно и додека не ги создадеме условите сигурно нема ни да се поместиме од оваа точка. Треба да создадеме услови отпадот правилно да се прифати, да се третира пред да се депонира и да се депонира тоа што не може да се искористи“, посочи Дејан Мираковски – ректор на Универзитетот Гоце Делчев.
Луѓето кои ќе се најдат на место каде има пожари треба да носат заштитни маски.
„Имаме ситуација во кои огнот е голем и во такви ситуации изложеноста на повреди преку дишните патишта е голема. Во такви ситуации потребни се посебни маски или таквото место би се напуштало да не биде трчање низ пламенот затоа што тој чад се подига во воздухот“, д-р Емилија Чутановска – Центар за прва помош при Црвен крст.
Во текот на вчерашниот ден на бројот за итни случаи 112 имало рекорден број повици, повеќе од четири илјади, најмногу кон полицијата и противпожарната служба . Здравствените власти велат дека системот е мобилизиран и подготвен да одговори на последиците од пожарите. Досега во пожарите животот го загубија две лица.
Андријана Ѓурческа
