Кривичен суд

Почнува судењето на ексдиректорот на Онкологија и тројца онколози

11.07.2025 08:55

Првообвинетиот, Васев како директор на клиниката, во соизвршителство со друг лекар се товари за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни...

Во Кривичниот суд Скопје денеска треба да почне судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и тројца лекари за несовесно лекување пациенти.

Првообвинетиот, Васев како директор на клиниката, во соизвршителство со друг лекар се товари за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни.

Во Обвинителниот акт стои дека со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил очигледно неподобен начин на лекување и спротивно на тековните онколошки упатства. Со отстапувања во дозирањето и во фазата на лекување, давал лекови од новите генерации со што тешко го нарушил здравјето на пациентите.

Во дел од случаите ова му било овозможено од втората обвинета која му ставила на располагање свој факсимил со кој одобрувал и препишувал терапија и свое корисничко име и лозинка со кои раздолжувал терапија во хис-системот на јавна здравствена установа Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија.