Трамп со нови закани до трговските партнери, Канада веќе доби писмо со тарифи од 35 проценти
Откако неодамна го одложи рокот за нови царини до 1 август, Трамп со нови закани до трговските партнери. Канада веќе доби писмо со тарифи од 35 проценти, а шефот на Белата куќа најави оти размислува и за дополнителни царини од 15 до 20 насто за други земји. И натаму неизвесно што ќе се договорат Вашингтон и Брисел. Во Бразил протести против политиките на САД и заканите за тарифи од 50%. Аналитичари велат дека акциите на шефот на Белата куќа биле познати и најавени уште одамна...

Американските царини продолжуваат да го тресат светот. Трамп се закани со тарифи од 35 проценти за стоки увезени од Канада од први август. Одлуката ја правда со потребата да се справи со кризата со опасната дрога фентанил која преку Канада пристига во САД. Шефот на Белата куќа размислува и за дополнителни царини од 15 до 20 насто и за поголемиот дел од трговските партнери.
„Доколку Канада соработува со мене за да го запреме протокот на фентанил, можеби ќе разгледаме прилагодување на ова писмо. Овие тарифи може да бидат изменети, нагоре или надолу, во зависност од нашиот однос со вашата земја“, стои во писмото од шефот на Белата куќа.
Слични писма до лидерите на повеќе од 20 земји беа испратени неделава. Поддржувачите на бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва излегоа на протест во Сао Паоло против американскиот претседател, откако Трамп се закани со 50% тарифи за Бразил ако не го запре судењето за поранешниот претседател Болсонаро.
„Соединетите Американски Држави се империјалистичка земја и мислат дека владеат со целиот свет. Тие сакаат да го оданочат целиот свет и земјите од БРИКС. Но, ние разбираме дека на САД им се потребни други земји, како што е Бразил“, изјави демонстрант.
„Она што го прави Трамп е апсурдно. Наместо да се грижи за својата земја и нејзините луѓе, кои се во неволја, живеат на улиците, под мостовите и под каналите, многу полошо од Бразил, тој сака да се меша во туѓа земја. Не може!“, изјави друг демонстрант.
Аналитичари велат дека акциите на шефот на Белата куќа биле познати и најавени уште одамна.
„Доналд Трамп веќе предупреди за одмазда кон БРИКС уште од неговото преземање на функцијата и кога почна приказната за користење на нивната сопствена валута, за справување со нашата валута. Трамп никогаш не го призна ова. Во исто време, имаше состанок во Рио и судење на Болсонаро, затоа писмото ги меша двете теми“, изјави Марко Тешеира, професор по политички науки.
И натаму неизвесно што ќе се договорат Вашингтон и Брисел во однос на тарифите.
„Работиме без престан за да најдеме почетен договор со Соединетите Американски Држави за да ги одржиме тарифите што е можно пониски и да ја обезбедиме стабилноста што му е потребна на бизнисот, бидејќи веруваме дека тарифите се загуба, данок на индустријата, данок на луѓето. Но, исто така не сме наивни“, изјави Урсула фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Неделава Трамп го одложи рокот за царините до 1 август, но сепак воведе нови давачки за сојузниците Јапонија и Јужна Кореја, како и царина од 50 проценти за бакар.
Маријана Димовска
