Средба Лавров – Рубио на состанокот на АСЕАН
Безбедноста глобален предизвик. Шефовите на дипломатиите во Куала Лумпур, Малезија повикаа на поголема соработка во светот, особено меѓу велесилите. На маргините на самитот, американскиот државен секретар Рубио имаше куса средба со неговиот руски колега Лавров, а потоа и со кинескиот Ванг Ји. Разговорите минале во пријателска атмосфера за индопацификот, но и за Украина. Шефот на Белата куќа најави важна одлука в понеделник која се однесува на Русија, деталите не ги соопшти.

Првпат откако влезе во Белата куќа, Трамп ќе потпише одлука за испорака на оружје на Украина, велат извори од американската администрација на Пенсилванија стрит. Важната изјава што треба да ја обелодени в понеделник за Русија е за пратката од 300 милиони долари од американските воени залихи за Киев. За ова разговарале и државниот секретар Рубио со рускиот дипломатски доајен, Лавров. Вториот ги потврдил руските ставови за Украина, од телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин на трети јули. И за наводните информации за бомбардирањето на Москва и Пекинг.
„Ќе одговорам со зборовите на Доналд Трамп. Очекувам големи изненадувања, само тоа ќе ви го кажам. Во ред, не знам кои, но во дипломатијата има работи кои не се коментираат. Разговаравме за Украина, го потврдив ставот на претседателот Путин. За протекувањето на информациите, не знам каква компјутерска мрежа имаат, за бомбардирањето на Москва и на Пекинг, разговаравме за сериозни работи“, изјава Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Рубио имаше средба и со кинескиот колега Ванг Ји, во фокусот на состанокот поддршката на Пекинг на Москва во војната во Украина. Економската состојба на берзите во индопацификот е поврзана со руската инвазија во Украина, став на британскиот Форин офис.
„Ја објавивме неодамна националната безбедносна стратегија, регионите во светот се тесно поврзани. Руската незаконска инвазија на Украина предизвика последици на пазарите во Азија. Севернокорејските војници се борат за Русија и тоа не минува без последици за украинските пријатели на европскиот фронт. Воениот криминал влијае врз нашите граѓани“, изјави Дејвид Леми-секретар за надворешни работи на Велика Британија.
Во средиштето на војната, во Украина, продолжуваат руските напади со дронови. По Киев, на мета беше Харков. Повредени се десетмина.
„Породилиштето е тешко оштетено, бремените жени беа внатре за време на нападот, како и мајките со новороденчињата. Сите се под страшен стрес“, изјави Олександар Кондратскиј-директор на породилиштето во Харков.
Според обединетите нации во јуни имаше најмногу цивилни жртви во Украина. Загинале 232, над 1.300 се повредени. На конференција во Рим, коалицијата на подготвените ја повторија поддршката на Украина во војната со Русија.
Зоран Богатинов
