Десет последни желби за влез во Лигата на шампионите
Вечер се играат првите пет мечеви. Ќе блеснат пет стадиони на пет различни краишта на Европа. Сите се со голема привлечност, но објективно Босфор фудбалски ќе зрачи најсилно...

Лигата на шампионите е пред комплетирање. Квалификантите го започнуваат завршниот јуриш за место меѓу европската клупска елита. Плеј-офот е последната натпреварувачка инстанца со 20 актери. Само половината од нив ќе му се радуваат на учеството во групната фаза од грандиозната Лига на шампионите. Вечер се играат првите пет мечеви. Ќе блеснат пет стадиони на пет различни краишта на Европа. Сите се со голема привлечност, но објективно Босфор фудбалски ќе зрачи најсилно.
Во Истанбул ќе истрчаат Бешикташ и Арсенал! Турскиот првак, успешна „генералка“ имаше со две победи во третото квалификационо коло против силниот холандски Феенорд. Од 15 милионската „армија“ навивачи на Бешикташ „само“ 72.000 ќе бидат на стадионот „Кемал Ататурк“ на кој денес ќе се игра, наместо на матичниот стадион кој се реновира. Арсенал е на големо искушение. Иако, минатата година во ова исто време, на истиот стадион во Истанбул го обезбеди учеството во Лигата на шампионите. Но, лани противник му беше Фенербахче. Англичаните предводени од Арсен Венгер се во лов на 17-то последователно учество во групната фаза!
Брегот на Средоземјето ќе е свидетел и на уште едно исклучително соочување. Во Неапол, италијанскиот Наполи ќе игра против шпанскиот Атлетик Билбао. Наполитанците и натаму не можат глава да кренат од европски дерби мечеви. Минатата година беа несреќни губитници во магичната група со Арсенал, Борусија и Марсеј, а сега за нов влез пред себе ги имаат силните и незгодни Баскијци. Македонската ведета Горан Пандев не е на списокот на играчи на тренерот Рафа Бенитез.
И Копенхаген го очекува исклучително тешка мисија против Леверкузен. Никогаш досега овие две екипи не играле меѓусебе, а од осумте досегашни настапи против германски екипи, Копенхаген нема ниту една победа. И без ваквата традиција Леверкузен е фаворит и ќе се обиде да им се приколучи на Баерн, Борусија Дортмунд и Шалке, да го заокружи моќниот германски квартет и да даде придонес во летото за паметење на Германија. Фудбалската вечер ќе е присутна и во Букурешт и Салзбург низ дуелите Стеауа-Лудогорец и Салзбург-Малме.
Лига на шампиони: плеј-оф 20.45
Бешикташ- Арсенал
Копенхаген- Баер Леверкузен
Наполи – Атлетик Билбао
Салзбург- Малме
Стеауа- Лудогорец
