Судењето за несовесно лекување на Онкологија одложено за 5-ти септември
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев и други лекари – онколози седнаа на обвинителна клупа. Обвинети се за несовесно лекување на пациенти, кај кои имало отстапување од дозирањето и давање терапија која им го нарушила здравјето. Сепак, рочиштето беше одложено поради отсуство на второобвинетата, но и откако одбраната го оспори направеното вештачење во Словенија...

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев, онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски седнаа во обвинителна клупа. Но, рочиштето се одложи поради влошена здравствена состојба на докторката Мери Пешевска која не дојде во судот. Одбраната на обвинетите го спори вештачењето на доказите во Словенија, со кое беше утврдено дека поради несоодветно лекување, дополнително се влошило здравјето на триесетина болни од канцер. Доставија доказ со кој може да се види дека лицето Маја Радник нема статус на судскиот вештак во Словенија. Сметаат дека овие докази треба да бидат издвоени и да не се ценат во постапката. Ќе се проверува и вештакот од Србија.
„Јавниот обвинител морал да се прилагоди кон прописите и законите кои важат во Македонија и така да постапува и инсистира вештачење да го направи лице кое е во евиденција и регистар на судски вештаци. Од таа гледна точка обвинението е марливо, содржи пропусти, адвокат Владимир Туфегџиќ.
Одбраната на обвинетите ги побараа и историите на пациентите кои ги лекувале. Велат, нема докази дека за несовесно лекување на пациентите.
„Не произлегува ниту еден доказ дека Пешевска има направено пропуст, односно несовесно лекување. Поранешниот директор Никола Васев, не само од Пешевска, користел логови и ставал печати од други лекари. Нејасно е зошто од целата клиника се избрани само тројца лекари против кои е покренато обвинение“, рече Јовица Страшевски, адвокат на Мери Пешева.
Приговорите на одбраната се беспредметни – смета обвинителката. Обвинителниот акт ја поминал процедурата за оцена и за неа е нејасно зошто ова не било акцентирано во тој дел.
„Тоа се процедури на државите до кои е доставена замолницата. Еден од принципите на меѓународното право е да имаме доверба во државите кон кои сме ја доставиле таа замолница дека доказите се прибавени на законит начин“, изјави Ана Гоговска Јакимовска, основен јавен обвинител.
Судското рочиште продолжува на 5-ти септември.
Во случајот „Онкологија“, обвинителство поднесе уште едно обвинение кое се однесува за финансиското работење на клиниката, и во овој случај првообвинет е поранешниот директор Васев, заедно со поранешниот економски директор.
Андријана Ѓурческа
