Јавна администрација

Минчев: Усвоените реформски закони ќе значат крај за партиските вработувања

11.07.2025 17:45

Дали новите реформски закони за администрацијата ќе стават крај на партизираната администрација и вработувања според компетенции? Министерот Минчев вели платите нема да се намалат но ќе се стави крај на институционалните потези сами да си ги зголемуваат. Инспекцискиот совет оди под капата на Министерството за јавна администрација...

Пресвртница во работата на јавната администрација. Вработување преку компетенции, транспаренти огласи, фер процес на унапредување, заострување на казнената политика за административците кои не работат или не се појавуваат на работното место. Министерот Минчев очекува новиот пакет закони да стави крај на партизацијата и клиентелизмот и почетокот на професионална јавна администрација.

За новиот пакет закони за администрацијата кои се веќе во фаза на подготовка ќе има и јавни дебати. Меѓу нив и за воспоставување на систем за плати во јавниот сектор. Вклучени ќе бидат домашни и странски експерти.

Инспекцискиот совет ќе оди по капата на Министерството за јавна администрација, се укинуваат раководните позиции со кои ќе се заштедат над 250 илјади евра. Во 2027-та треба да профункционира и Академијата за обуки која според ресорниот министер ќе биде мотор на развојот и носител на најдобрите европски практики.

Викторија Милевска