Градоначалничката Арсовска физички нападната во Чаир при увид на дивоградба
Во скопски Чаир физички нападната градоначалничката Арсовска и вработени во нејзината администрација. Вршеле увид на градежен објект. МВР го потврди случајот. По инцидентот повредената Арсовска сама се упатила во ургентниот центар во болницата „8-ми Септември“...

Скопската градоначалничка Данела Арсовска заврши на ургентниот центар во ГОБ „8-ми Септември“ по физичкиот напад на дивоградба во Општина Чаир.
Увидот на дивоградбата во Општина Чаир се претворил во закани, навреди и физички напад над градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и вработени во нејзината администрација. Арсовска по излегувањето од Ургентниот центар раскажа дека при увидот на Бит-Пазар биле опколени од поголема група луѓе, по што едниот почнал да ја навредува и физички ја нападнал пред очите на полициски припадници, кои лицето само го тргнале од неа и не направиле ништо друго.
Од МВР потврдуваат дека кај нив напладне бил пријавен нападот врз Арсовска и заканите кон неа, но додаваат оти таа не сакала да поднесе пријава, туку се упатила во болница да побара лекарска помош. Неколкумина се уапсени. Арсовска, пак, порача дека и покрај нападот, ќе продолжи да ги открива криминалите со дивоградбите.
Арсовска со недели презентира докази за дивоградбите во скопски Чаир и бара одговорност од градоначалникот Ганиу, за што го информираше и Обвинителството, а и претходно известуваше дека трпи закани по нејзиниот живот. Ганиу го осуди нападот и рече дека ниту еден вработен или функционер од Чаир не е инволвиран.
Ирина Гелевска
