Куманово започна проект за селекција на текстилен отпад
Несовесни лица продолжуваат да палат смет, депонии, гуми во Куманово. Но, истражувањата покажуваат дека и текстилниот отпад може да биде еден од предизвикувачите. Затоа Куманово започна проект за селекција на ваквиот отпад. Во државата текстил засега се селектира во 13 општини. Лани биле собрани 400 тони.

Текстилниот отпад е еден од поголемите предизвикувачи на пожари, коишто ги зафаќаат депониите. Поради тоа но и за да се придонесе кон заштита на животната средина, Куманово доби специјализирани контејнери за собирање на ваков отпад. Целта е да се овозможи правилно и одговорно управување со овој отпад, но и да се поттикне граѓанската свест за реупотреба и рециклажа.
„Да направиме извесна селекција на отпад и од типот на текстил, ако се земе предвид дека претходно имаме за електричен отпад и пластика, а со пластика го разгледуваме и со општината да се продлабочи да си ја заштитиме сами животната средина“, истакна директорот на ЈП Чистота и Зеленило Куманово, Ненад Стојановски.
Садовите ќе се постават пред градинките, основните училишта, критични точки. Искуството покажало дека најмалите се најодговорни за складирање отпад. Но, селекцијата на пластика и стакло, засега не даде значајни резултати во Куманово. Напротив несовесни лица предизвикуваат палење на смет, отпад, гуми, депонии. По зајакнатите контроли уапсено е и еден жител.
-Реката е полна со отпадоци и од пластика и од текстил. Колку и да работиме на терен, состојбата се повеќе се разгорува особено во ваков летен период кога се изгор температурите не ни треба и апелирам на колективна свест-порача претседателката на кумановскиот Совет, Ивана Ѓорѓиевска.
Активноста за селекција на текстилен отпад ќе се спроведува со колективен постапувач, регистриран во министерството за животна средина.
„Законот предвидува третман на текстилот не само облека, чаршафи, завеси килими, се селектира се не само гардероба“, нагласи Фируз Мемед, претставник на фирма.
Се рециклираат дури 90 отсто од собраните материјали.
Садови за текстилен отпад веќе се поставени во 13 општини низ државата. Засега највисоки резултати има во Арачиново, Штип и Неготино.
Лани на ниво на државата биле собрани 400 тони текстилен отпад.
Елена Георгиевска
