Скопје

Арсовска доби 24-часовно полициско обезбедување

12.07.2025 16:48

МВР определи 24 часовно обезбедување за Арсовска. Обвинителството поведе постапка против две лица, за едно е побаран притвор. Премиерот Мицкоски повика институциите да постапат. СДСМ бара министерот Тошковски да си поднесе неотповиклива оставка. Од партијата велат – тој е заштитник на мафијата и насилниците. Од Град Скопје обвинуваат дека доказниот материјал бил сечен и монтиран...

Бурни реакции во јавноста откако Данела Арсовска физички била нападната во Чаир, при увидот на дивоградба. Министерството за внатрешни работи по направените проценки, на градоначалничката на Скопје и определи 24 часовно обезбедување

„Градоначалничката ќе биде контактирана од надлежните служби со цел да се координираат нејзините активности во согласност со мерките за лична заштита. МВР останува посветено на својата основна мисија да обезбеди сигурност и заштита за сите граѓани на Македонија, без оглед на нивниот општествен или институционален статус. Министерството постапува согласно своите законски надлежности, темелно и професионално“, велат од МВР.

Во меѓувреме, јавното обвинителство бара притвор за еден од напаѓачите на Арсовска, за вториот се предложени мерки на претпазливост.

„Јавниот обвинител веќе доставил предлог до судот за определување мерка притвор за првоосомничениот, поради опасност од повторување на делото и можност за бегство. За второосомничениот се предложени мерки на претпазливост: забрана за приближување и контакт со оштетените, забрана за напуштање на живеалиште, одземање на патна исправа и редовно јавување во судот“, велат од ОЈО.

Државата има институции, ги повикувам да постапуваат за случајот, рече премиерот по обвинувањата од скопската градоначалничка дека кога била нападната, полицијата не реагирала.

СДСМ со осуда за нападот врз Арсовска.

Од ВМРО-ДПМНЕ повикаа на расветлување на инцидентот во Чаир, но и на разгледување и надзор на случајот со дивоградбите. Според партијата, само СДС и бугарските политичари се во одбрана на Данела.

Арсовска порача дека и покрај се, ќе продолжи да ги открива криминалите со дивоградбите.

Арсовска со недели презентира докази за дивоградбите во Чаир, затоа, како што вели, подолго трпи закани по нејзиниот и животот на семејството.