Заврши реконструкцијата на музејот на вода
Заврши реконструкцијата на музејскиот комплекс во Градиште. Почетокот на фестивалот Охридско лето вечерва го најавува стартот на главната туристичка сезона. Охрид е преполн со туристи и подготвен за шпицот на сезона...

Реконструиран комплексот Залив на коските. Со 15 милиони денари комплетно заврши реставрацијата на најпосетуваниот музеј во земјава, наколната населба во Градиште. Се изврши санација на платформата и 24 – те праисториски куќички распослани врз Охридското езеро.
„Презедовме доста чекори за реставрација на самата палафитна населба, на изложбениот простор во музејот, санитарните јазли, осветлување, вентилација, целиот комплекс и она што не се гледа наводнувањето ќе го решиме наскоро објавен е тендер“, рече Горан Патчев, директор на Завод и музеј.
Почетокот на фестивалот „Охридско лето“ вечерва го најавува стартот на главната туристичка сезона. Охрид е преполн со туристи, а во следните 40 денови најголемата музичко-сценска манифестација во земјава, дополнително ќе привлекува гости.
„По бројот на продадени карти и побарувања коишто ги имаме оваа година сфатив дека имаме одлична програма на 65-то издание се разбира дека тоа ќе привлекува многу повеќе туристи во Охрид и регионот“, изјави министерот за култура, Зоран Љутков.
Премиерот Мицковски рече владата силно работи на развојот на туризмот а тоа го потврдуваат официјалните бројки на државна статистика годинава за 16% е зголемен бројот на туристи споредбено со лани. Градоначалникот Пецаков вели Охрид е инфраструктурно подготвен за шпицот на сезона.
„Пуштањето во употреба на реконструираниот пат Охрид Свети Наум и утре делот кој ќе го пуштаме во употреба на автопатското решение во делот од Охрид Врбјани означува подобар пристап на туристите, зголемен број на туристи и секако поголема атрактивност на градот, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Охрид деновиве е под обезбедување од прв степен. На сила е посебен режим, илјадници полициски службеници градот се обезбедува од копно, вода воздух. Присутен е целиот државен и црковен врв, дипломати, амбасадори и претседателот на Република Албанија.
Соња Рилковска
