Земјоделците задоволни од приносот, но не и од цената на пченицата
И по десет ден од почетокот на жетвата и откупот на житните култури, на откупните центри и мелниците, не се забележува поголема раздвиженост. Иако има голем принос и висок квалитет, незадоволството доаѓа од ниската откупна цена по 10 денари за килограм јачмен и 10-12 за килограм пченица. Земјоделците велат, оваа цена е далеку пониска од производствената и не ги покрива трошоците. За мелничкопреработувачките капацитети пак, цената е висока и ќе придонесе за покачување на цената на домашното брашно...

Во екот на жетвата на јачменот и пченицата во пелагониско, земјоделците задоволни од приносот, но крајно разочарани од откупната цена.
Трета година по ред иста песна со цените, велат земјоделците. Јачменот се откупува по 9,5-10 денари за килограм а пченицата од 10-12 денари. Иако годинава цената е повисока од ланската, не ги покрива трошоците. И е далеку пониска од производствената. Според нив, реалната цена за јачменот треба да биде најмалку 15, а на лебното зрно од 16-20 денари.
Од мелничко преработувачката индустрија велат, квалитетот на лебното зрно е одличен, до сега 95% од откупената пченица е платена по 12 ден. Според нив ова ќе ја зголеми цената на домашното брашно. Во земјава има поевтино брашно од увоз, така што нема да бидат конкурентни на пазарот.
И по речиси две недели од почетокот на жетвата, на откупните центри и мелници, сè уште нема голем метеж, неизвесно е колку пченица ќе биде предадена, а колку ќе остане во домашните складови да чека подобри времиња.
Александра Максимовска
