Силно невреме ја погоди Шпанија
Возила пловат по улиците на североисточна Шпанија поради поплавите предизвикани од ненадејните поројни дождови. Во Каталонија и Сарагоса е во прекин железничкиот и патниот сообраќај. Локалните власти стравуваат за можни жртви, има исчезнати, стотици побараа помош за време на црвената тревога прогласена во шпанските покраини. На аеродромот во Барселона, патнички авион за Америка повторно атерирал поради оштетувањето од град на пилотската кабина...

Војската пристигна напомош на загрозените од поплавите во североисточна Шпанија. Арагон, Каталонија, Валенсија, Сарагоза, Навара се најдоа во средиштето на поројните дождови. За два часа паднаа и по 100 литри на квадратен метар. Уништени се патишта, мостови, домови. Почнаа операциите на властите за потрага по исчезнатите.
„Две лица засега се исчезнати во поплавената река Фоа во општината Кубелес. Трагавме со хеликоптери досега. И нуркачите се обидуваат да ги пронајдат, информираше Нуриа Парлон Гил – регионална министерка за внатрешни работи на Каталонија.
Во гратчето Вилафранка, регионална болница е неупотреблива. Хоспитализираните се преместуваат по градските амбуланти.
„Во опасност е и снабдувањето со струја, сите итни повици ги преупатуваме по другите болници, некои и во Барселона. На отворено подигнавме и 24-часовен центар за итна помош“, изјави Франциско Ромеро Гамара – градоначалник на Вилафранка.
Со години жителите не се сеќаваат на слична катастрофа. На мобилните им се упатувани пораки од службите надлежни за кризата.
„Ваква моќна поплава не сум видела над триесет години“, вели една жителка.
„Одеднаш од темните облаци се спушти воден млаз. Навистина се уплашивме“, рече друга.
Пред три дена, температурен контраст во Каталонија. Поради жештината, изгоре површина од над три илјади хектари.
Зоран Богатинов
