Грчкиот став посилен од Унијата
Без големи изненадувања од денешниот Совет на министрите за надворешни работи

Иако состанокот ќе заврши доцна вечер, веќе е познато дека ќе биде одбиена петтата по ред препорака на Европската комисија, односно дека ќе биде нотиран само заклучокот од средбата на амбасадорите во ЕУ во рамките на КОРЕПЕР групата на која се препорачува „Европскиот совет да се врати на препораката за отворање на преговорите со Македонија на следниот самит во јуни 2014 година”. Па, сепак, известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит очекува во заклучоците да бидат наведени и елементи што ќе понудат насока за напредување на државата во евроинтегративниот процес.
„Тоа за што се залагам јас е Европскиот Совет најмалку што може е да ги повтори заклучоците од ланскиот декември во кои беше наведена специфичната заложба дополнително да се разгледа напредокот на државата, настрана од годинашниот процес. Се уште верувам дека таа порака е во сила“, вели известувачоте на Европскиот парламент Ричард Ховит.
Само за потсетување, лани следуваше заклучокот во кој се бараше дополнителен извештај од Европската комисија за напредокот на државата, кој беше изготвен непосредно пред јунскиот самит. Ховит не ја крие разочараноста од одлуките на Советот на Европа кои според него претставуваат тест за кредибилитетот на политиката на проширување Унијата и додава дека љубопитно ќе следи кои ќе бидат аргументите за унапредување на статусот во евроинтеграциите на другите држави во регионот –Србија, Албанија и Косово. Тој изрази разбирање за фрустрациите на македонската јавност, но не штедеше пофални зборови за одлуката на Владата да продолжи со реформските процеси.
Заклучоците од денешниот Совет на министрите за надворешни работи само формално ќе бидат потврдени на самитот на Европскиот совет в четврток од шефовите на владите и од државите-членки на ЕУ.
Марина Стојанова - Тонева, постојан дописник на МРТ од Брисел
