Партиите финишираат со кандидатурите за градоначалници
За повеќе од половина општини во земјава познат е барем по еден кандидат за градоначалник за локални избори. До крајот на месецов треба целосно да се затвори листата. ВМРО-ДПМНЕ номинираше кандидат во трката за Скопје, во СДСМ сè уште тактизираат. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Мицкоски не открива во кои општини коалициските партнери знам и вреди ќе добијат нивна поддршка. И во Европскиот фронт распределени дел од општините. Локалните избори ќе бидат распишани на 8-ми август, а првиот круг најверојатно ќе биде на 19-ти октомври.

За повеќе од половина општини во земјава познат е барем по еден кандидат за градоначалник за есенските локални избори.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ досега објави 40 номинации, меѓу кои и за Скопје. Орце Ѓорѓиевски е кандидат во трката за градоначалник на метрополата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Мицкоски, вели дека продолжуваат внатрепартиските консултации. Се разговара и за соработката со ЗНАМ и „Вреди“. Не открива дали има договор за поддршка на Максим Димитриевски за Куманово и дали ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира свој кандидат за Карпош.
На Бихаќка сè уште се тактизира за кандидатот за Скопје. Во партиските кулоари сè почесто се споменува името на архитектот Мишко Ралев. Досега опозициската партија обелодени 30 имиња. СДСМ повторно ги кандидира актуелните градоначалници во Центар, Крушево, Крива Паланка и во Чучер Сандево.
Поддршка не доби Костадин Костадинов во Струмица. Тој пак најави замрзнување на членството во партијата.
Падна договор во Европскиот фронт за поделба на кандидати за градоначалничките места. Зијадин Села ќе се трка за Струга, интегративците се откажаа од Рамиз Мерко. Бујар Османи е кандидат за Чаир, а новиот коалициски партнер Арбен Таравари ќе бара мандат за Гостивар. Неговата партија ќе има кандидати и за Сарај и Врапчиште. И двајца независни најавија кандидатури, актуелниот ве-де градоначалник на Кочани, Венко Крстевски и бизнисменот Менди Ќура, во Струга.
Засега ниту еден пратеник не претендира да се пресели во локалната власт, номинирани се само три жени меѓу 70-тината мажи.
Првиот круг од гласањето најверојатно ќе се одржи на 19-ти октомври. Собранискиот спикер Гаши локалните избори ќе ги распише на 8-ми август.
Милчо Велески
