Огнот не стивнува на неколку локации во земјава
Жешко лето, уште пожешки пожари. Огнот не стивнува на неколку локации во земјава. ЦУК вели дека се борат со пламените јазици, сателитите покажуваат опасност за уште неколку места, а државните апарати мерат зголемено присуство на опасни честици во воздухот …

Пожарите не стивнуваат, активни се пет. Најсериозно е над дојранското селото Николиќ, кај Велес и во Македонски Брод. Пожарот од Николиќ, се шири кон Валандово. Се користат булдожери за да се направи пресека и да се спречи ширење на огнот.
Голем пожарот има и кај Велес кај селата Џидимирци и Крушје. На тешко пристапен терен, гори сува трева и деградирана шума. Предизвик останува и пожарот кај Македонски Брод, каде постојано се појавуваат нови жаришта.
За 15-тина дена, во земјава се регистрирани повеќе од 400 пожари, од Дирекцијата за заштита и спасување повикаа на внимателност при движење во природа.
„Ако забележат сомнително однесување да пријават на 112 или во најблиска полициска станица. Ако имаат куќи или викендици, да ја искосат тревата и да ги исчистат дворовите, и по можност да направат појас на кој нема вегетација, за во случај на пожар да не може да се префрли и да ја зафати куќата“, изјави Стојанче Ангелов – Директор на дирекцијата за заштита и спасување.
Мерните станици на Министерството за животна средина покажуваат дека пожарите сериозно влијаат врз квалитетот на воздухот. Иако неколку од нив не се достапни за мерење на јаглерод моноксид, сепак, другите вредности се со покачување.
Топлотниот бран кој според метеоролозите ќе ја зафати земјава од 20-ти јули, може да создаде нови проблеми.
Сепак, неделава во справувањето со пожарите ќе помогне и времето, се најавуваат врнежи.
Професорот по метеорологија, Владо Спиридонов вели дека преку сателитски снимки, во реално време можат да се детектираат активни пожари, но и да се следи во која насока се прошируваат. Вели веќе се работи на ваков систем, кој може да им помогнат на службите.
„Првенствено за детекција на областите со пожари на основа на сателитски прикази во близу реално време од НАСА и од Модис, тоа се сателити инсталирани во Америка. Алатката овозможува во Македонија да се врши симулација во однос на комплексните услови каде ќе се шират активните пожари. И сето тоа во зависност од метеоролошките услови, индексот за ширење на пожари, индексот за суши, индексот за влажност“, изјави проф. Владо Спиридонов – професор по метеорологија.
Според надлежните под најголем ризик од избувнување на пожари се централниот, источниот и југозападниот дел од државата.
Андријана Ѓурческа
