Крушево

Исполнета желбата на Тоше - Иконостас од бел мермер во црквата „Свето Преображение“

19.08.2014 14:52

Иконостас од бел мармер по желба на Тоше Проески го краси манастирот Свето Преображение во Крушево- место каде што тој го наоѓаше својот душевен мир

Се исполни уште една желба на Тоше. Денеска на празникот Свето Преображение во истоимениот манастир во Крушево, кој тој го градеше, беше комплетиран икостастасот од бел мермер. Вториот дел на иконостасот се резбарел 3 месеци во Прилеп, а гравурите се направени според цртежите на таткото на Тоше.

„Желбата на Тоше беше секогаш иконостасот да биде од бел мермер, примери за тоа зедовме од Света Софија и Плашошник во Охрид, а цртежите за иконостасот ги изработи брат ми, односно таткото на Тоше“, истакна Анастас Проески, чичко на Тоше.

На иконостасот доминира грозјето како христијански симбол за виното и причестувањето.     

Наредните планови на манастирскиот одбор се да се започне со фрескоживописување на црквата, а во иднина се планира и изградба на уште два нови конаци на западната и северната страна.

Илјадници гости од цела Македонија дојдоа да го посетат манастирот, во чест на празникот, но и да оддадат почит на Тоше.

„Доаѓаме тука затоа што денес е големиот Христијански празник Св. Преображение, слава е на манастирот, а исто така ова место не потсетува на нашиот Тоше, кој многу се вложи во изградбата на ова место и сакаме да му оддадеме почит“, рекоа граѓаните кои денес го посетија манастирот.

Гостите го посетуваа и 33 метарскиот крст кој исто така беше изграден според неговата желба, но и соба на Тоше каде тој секогаш престојувал во манастирот.

„Тоа дете тука растеше, ни помагаше многу и тука се воспитуваше во христијанскиот дух. Постојано доаѓаше тука, особено после концерт кога ќе имаше, сакаше да остане тука неколку денови, и имаше своја соба во манастирот“, истакна Миле Талески од манастирскиот одбор.

„Огромна ми беше желбата да дојдат тука, прв пат сум во манастирот, многу сум возбудена што сум сега еве тука во просторијата во која што спиел Тоше. Тоа дете ние засекогаш ќе го носиме во нашите срца“, рече една посетителка.

Наскоро треба хортикултурно да се уреди и дворот на овој комклекс, а манастирот ќе биде осветен кога ќе бидат нацртни одреден дел од фреските според православните канони.

Дарко Штаргоски