Се очекува 8.000 жители од источниот регион да поднесат барање за отпис на долгови

19.08.2014 15:04

За два дена во Штип подигнати над 200 барања за отпис на долговите. Најголем интерес има за отпис на неплатени сметки за струја и радиодифузна такса. Се очекува до крајот на рокот барања да поднесат околу 8.000 жители на источниот регион...

Голем интерес за отпис на долгови во источниот регион на државата. Само во Штип, дневно се подигаат по околу 100 барања.

„За овие два дена подигнати се околу 200 барања, а веќе 40 се поднесени до Центарот за социјални работи. Најголем интерес има за отпис на долговите за струја и радиодифузна такса“, вели Наталија Панова, директор на Центарот за социјални работи – Штип.

Идентично е и во Кочани.

Има голем интерес. Од утринава доаѓаат многу граѓани кои прашуваат дали ги следува отпис на долгови по кои основ и слично“, изјави Весна Данева, директор на Центар за социјални работи – Кочани.

За граѓаните ова е единствена можност да се ослободат од долговите, кои поради различни причини, не успеале да ги платата навреме.

„Имам голема сметка за струја. Имам многу долгови. Можеби 5-6 години не сум платила за струја. Постојано доаѓаат, ме исклучуваат, а струјата ми е единственото богатство што го имам“, велат анкетираните штипјани.

Но, во центрите за социјални работи доаѓаат и граѓани чии долгови не се опфатени со оваа мерка.

„Имам околу 90.000 денари долг за судски такси. Должам и за адвокатски трошоци кои адвокатот ми ги побарува преку извршител, ама ми рекоа дека отпис не ми следува“, вели граѓанин на Штип.

Рокот за внесување на податоци за бришење на долгови е 30 дена од денот на објавување на конкурсот.

Во источниот регион се очекува формулари да потпишат околу 8.000 лица.  Колкава е висината на нивниот вкупен долг и по кој основ, ќе се знае дополнително.

 

Оливера Жежова