КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ

Климатските промени покажуваат сила - бури, поплави, пожари, рекордни температури

15.07.2025 12:44

Климата удира со сила. Екстремни бури, поплави, пожари, рекордни температури – планетата е во алармантна состојба! Америка под вода – Њујорк на удар од силна бура, метро-станици поплавени, Њу Џерси во вонредна состојба. Тексас уште брои жртви. Над 130 загинати во незапаметени поплави, целосни населби под кал и вода. Европа гори – илјадници починати од жештините во Шпанија, велика Британија со вонредни повици за спасување! Бургас во пламен – пожар голта куќи, луѓето бегаат, животни остануваат заробени! Метеоролозите предупредуваат: ова веќе не е исклучок – ова е новата реалност...

Климатските промени го покажуваат своето вистинско лице. Екстремните временски услови, проследени со долги топлотни бранови, пожари, силни бури и поплави, стануваат секојдневие. По разорните поплави што ја зафатија американската држава тексас, сега на удар и Њујорк. Силната бура проследена со поројни дождови предизвика хаос во североисточните делови на сад. Во Њу Џерси е прогласена вонредна состојба, а предупредувањето од поплави е во сила во сите пет општини. Градските власти ги повикаа граѓаните да избегнуваат подруми и ниски подрачја. На социјалните мрежи се појави видео-снимка на која се гледа поплавена метростаница во Њујорк. Тексас, пак, сè уште се бори со последиците од незапамтените поплави во кои животот го загубија над 130 луѓе.

„Сите волонтери помагаат, има човек кој е експерт за санација и реставрација. Многу луѓе помагаат и за храна, обезбедуваат и алат за работа, метли, крпи, се што е потребно за обнова на куќите“, изјави Грег Адкинс – преживеан во поплавите.

Медитеранот, пак, на удар на топлотни бранови. Во Шпанија високите температури причина за над илјада и 100 смртни случаи во изминатите два месеца, што е нагло зголемување во споредба со истиот период минатата година. Невообичаено високи температури регистрирани и во велика Британија.

„Годинава веќе достигнавме 77 повици за двата чамца за спасување. Мислам дека секоја година станува се попрометно. Минатата година беше најпрометна, имавме 175 повици за спасување“, истакна Карл Покок – менаџер за спасувачка операција.

„Забележуваме тешкотии со дишењето, многу дехидрирани луѓе, има колапси и несвестици. Ги повикуваме луѓето да се засолнат под сенка и да се грижат за себе, да пијат вода, а да избегнуваат алкохол“, изјави Ендри Роу – директор на одделот за брза помош.

Голем пожар беснее во соседството. Во огнената стихија што го зафати бугарскиот поморски град Бургас изгореа десетици куќи, а стотици луѓето мораа да се евакуираат. По неколкучасовната борба на бугарските противпожарни екипи успеаја да го стават огнот под контрола, но сè уште постои опасност за негово разгорување.

„Местото е доста населено, но никој не се осмелува да види што се случува, бидејќи е опасно, а нема пат за бегање“.

„Внатре имав животни, три кучиња и папагали, но не успеав да ги спасам, сигурно се умрени“.

Метеоролозите во своите извештаи веќе нотираат дека екстремните временски услови повеќе не се реткост, туку стануваат вообичаена појава. Апелираат за поголема подготвеност и изнаоѓање начини за справување со непогодите.

Маја Стојанова