Кривичен суд

Затвор за членови на криминалната група од Грчец

15.07.2025 16:47

Осудени припадници на криминалната група Грчец. Шестмина добија вкупно 50 и пол години затвор. Двајца одат зад решетки за злосторничко здружување и двојно убиство, четворица за трговија со кокаин. Водачот на групата, Шеваљ Муареми е недостапен за органите на прогонот.

Кокаинот им носеше пари, а одмаздата крв – бандата од Грчец падна под тежината на сопствените злосторства. Скопска единица изрече вкупен затвор од 50 години и шест месеци на шестмина обвинети од екипата на Шеваљ Муареми.

Четворица од нив растурале кокаин во земјава купен од Латинска Америка, а увезен од Белгија и Албанија. Двајца пак по нарачка на шефот кој е во бегство, ги ликвидирале Африм Бериша и Бурим Вардари во Топаанско поле.

Одбраната најави жалба до повисокиот суд. Сметаат дека транскриптите од разговорите и фотографиите кои обвинетите ги разменувале преку апликацијата Скај биле незаконски обезбедени.

Шестмина членови на групата се неправосилно осудени, а водачите и организаторите сè уште се на слобода.

 

Анита Димитријевска - Велковска