Војната во Украина не запира, нови санкции кон Русија
Тече рокот од 50 дена за прекин на огнот во Украина. Американскиот претседател уверува дека не се планирани ракети со долг дострел за Киев. ЕУ ја поздрави американската помош, но додаде дека мора да го споделат товарот. Сојузниците ќе ги најдат парите, изјави генералниот секретар на НАТО. Москва и натаму се обидува да сфати што сака да каже Трамп со ултиматумот кој е не прв откако ја презеде функцијата.

Не се планирани ракети со долг дострел за Украина. Киев не треба да ја таргетира Москва, вели претседателот на САД откако светските агенции ги разгореа шпекулациите дека Трамп го охрабрил Зеленски да ги ескалира нападите врз Русија. Во понеделникот шефот на Белата Куќа објави дека ќе испрати оружје во Украина и предупреди за повеќе царини за Русија доколку не се постигне договор за прекин на огнот за 50 дена.
„Не мислам дека 50 дена се долг период. И може да биде и порано од тоа. Требаше да му го поставите истото прашање на Бајден. Зошто не вовлече во оваа војна? Не сум на ничија страна, сакам да го спречам убивањето на илјадници луѓе неделно. Сакам убивањето да престане во војната меѓу Украина и Русија“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
ЕУ ја поздрави американската помош за Украина, но додаде дека мора да го споделат товарот. Блокот не успеа да го договори 18. пакет санкции за Русија.
„Америка и Европа работат заедно, и ако работиме заедно, ова може да изврши притисок врз Путин сериозно да преговара. Ако ние плаќаме за ова оружје, тоа е наша, европска поддршка. Ние правиме се што можеме за да и помогнеме на Украина. Ако ветувате дека ќе го дадете оружјето, но велите дека некој друг ќе плати за тоа, тоа всушност не е дадено од вас, нели?“, изјави Каја Калас, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Сојузниците во Европа ќе ги најдат парите за да се осигурат дека Украина го има она што и е потребно за да биде во најдобра можна позиција за време на мировните разговори, изјави генералниот секретар на НАТО.
„Ако Путин не стане сериозен, начинот на кој претседателот Трамп ги дизајнираше своите 50 дена, часовникот почна да отчукува и тие ќе почнат да вршат притисок врз Русите. И мислам дека тоа е исклучително значајно. Значи, нема да бидат потребни 50 дена. Целиот овој процес практично се надевам дека ќе доведе до позитивен резултат што е можно поскоро“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Шефот на руската дипломатија вели дека Москва се обидува да разбере што сака да каже американскиот претседател, бидејќи тој претходно поставил слични ултиматуми.
„Имавме 24 часа во минатото, а исто така и 100 дена. Поминавме низ сето ова и навистина сакаме да разбереме што го мотивира претседателот на САД. Јасно е дека тој е под огромен, би рекол, непристоен притисок од ЕУ и сегашното раководство на НАТО, кои ги поддржуваат барањата на Зеленски за снабдување со модерно, вклучително и офанзивно, оружје, на сметка на сè поголема штета на даночните обврзници во западните земји“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
На фронтот продолжуваат битките. Двете страни објавија извештаи за напади со беспилотни летала. Во меѓувреме Украина ја продолжи воената состојба на уште 90 дена. Денис Шмихал поднесе оставка од функцијата премиер на Украина, а Зеленски предложи владата во наредниот период да ја предводи министерката за економија Јулија Свириденко.
Маријана Димовска
