Тече рокот од 50 дена за прекин на огнот во Украина
Тече рокот од 50 дена за прекин на огнот во Украина. Американскиот претседател уверува дека не се планирани ракети со долг дострел за Киев. ЕУ ја поздрави американската помош, но додаде дека мора да го споделат товарот. Сојузниците ќе ги најдат парите, изјави генералниот секретар на НАТО. Москва и натаму се обидува да сфати што сака да каже Трамп со ултиматумот кој е не прв откако ја презеде функцијата...

Проектилите за противвоздушните одбранбени системи „Патриот“ веќе се на пат, но не се планирани ракети со долг дострел за Украина, уверува американскиот претседател. Новите пратки оружје пристигнуваат два дена откако Трамп и постави ултиматум на Москва, предупредувајќи дека САД ќе воведат строги царини ако Русија не се согласи на мировен договор во рок од 50 дена.
„Не мислам дека 50 дена се долг период. И може да биде и порано од тоа. Требаше да му го поставите истото прашање на Бајден. Зошто не вовлече во оваа војна? Не сум на ничија страна, сакам да го спречам убивањето на илјадници луѓе неделно. Сакам убивањето да престане во војната меѓу Украина и Русија“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
ЕУ ја поздрави американската помош, но додаде дека мора да го споделат товарот. Во случајов, членките на НАТО и ЕУ купуваат американско оружје, дел го испраќаат во Украина, а потоа ги обновуваат залихите со поддршка од Вашингтон.
„Америка и Европа работат заедно, и ако работиме заедно, ова може да изврши притисок врз Путин сериозно да преговара. Ако ние плаќаме за ова оружје, тоа е наша, европска поддршка. Ние правиме се што можеме за да и помогнеме на Украина. Ако ветувате дека ќе го дадете оружјето, но велите дека некој друг ќе плати за тоа, тоа всушност не е дадено од вас, нели?“, изјави Каја Калас, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Сојузниците во Европа ќе ги најдат парите за да се осигурат дека Украина е во најдобра можна позиција за време на мировните разговори, изјави генералниот секретар на НАТО.
„Ако Путин не стане сериозен, начинот на кој претседателот Трамп ги дизајнираше своите 50 дена, часовникот почна да отчукува и тие ќе почнат да вршат притисок врз Русите. И мислам дека тоа е исклучително значајно. Значи, нема да бидат потребни 50 дена. Целиот овој процес практично се надевам дека ќе доведе до позитивен резултат што е можно поскоро“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Шефот на руската дипломатија вели дека се обидуваат да разберат што сака да каже американскиот претседател, бидејќи тој претходно поставил слични ултиматуми.
„Имавме 24 часа во минатото, а исто така и 100 дена. Поминавме низ сето ова и навистина сакаме да разбереме што го мотивира претседателот на САД. Јасно е дека тој е под огромен, би рекол, непристоен притисок од ЕУ и сегашното раководство на НАТО, кои ги поддржуваат барањата на Зеленски за снабдување со модерно, вклучително и офанзивно, оружје, на сметка на сè поголема штета на даночните обврзници во западните земји“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
На фронтот продолжуваат битките. Двете страни објавија извештаи за напади со беспилотни летала. Украина ја продолжи воената состојба на уште 90 дена.
Маријана Димовска
