Македонија

Дивоградбите под лупа на полицијата и обвинителството

16.07.2025 16:14

Полицијата влезе во неколку скопски општини, собира докази и подготвува документација за бесправно градени објекти по налог на Јавното обвинителство. Детали не откриваат. Министерот Тошковски вели градоначалничката Арсовска која беше нападната во Чаир при увид на дивоградба, одбива да соработува и нема писмена изјава од неа по обвинувањата дека полицајци не постапувале на лице место...

МВР обезбедува докази за дивоградби по наредба на јавен обвинител, изјави министерот за внатрешни работи Тошковски. Не открива повеќе детали за каква документација станува збор во интерес на истрагата.

„Не би можел да споделам во овој момент информации во врска со обезбедена документација, но сакам да напоменам дека ова се тековни активности на МВР. Ова не е сега јавноста има интерес за конкретната тема и МВР постапува, туку ова се тековни активности по коишто постапуваме секојдневно“, изјави министерот Тошковски.

Повеќе оддели на МВР, организиран криминал, крим-полиција, СВР Скопје се на терен по налог на Обвинителството.

Влезено во општините Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска беше нападната при увид на дивоградба во Чаир и тврдеше дека полициските службеници кои биле повикани не асистирале. Тошковски вели внатрешна контрола е во Град Скопје, но Арсовска одбива да даде изјава за ова тврдење. Арсовска поднесе повеќе пријави за дивоградби во Обвинителството, од каде потврдија дека отвориле постапки.

И вицепремиерот Меџити ги поддржува истрагите за дивоградбите, но повика да не бидат селективни.

Од МВР уверуваат секој објект кој е бесправно изграден според закон ќе се урива.

 

Ирина Гелевска