игри на среќа

Коцката е фрлена - казината под клуч

16.07.2025 17:41

Новиот закон за игри на среќа го минал владиниот филтер. Ќе биде удар за коцкарскиот систем – вели вицепремиерот Меџити. Најавува за две третини намалување на казината и обложувалниците, забрани за рекламирање. Од Асоцијациите реагираа илјадници лица ќе останат без работа...

За 70 насто намалување на бројот на казина и обложувалници, но и редуцирање на електронските апарати за коцкање. Ова го предвидува предлог-законот за игри на среќа кој го мина владиниот филтер. Предвидува и забрана за рекламирање, а објектите ќе мора да се дислоцираат најмалку 500 метри од школските дворови.

Од Асоцијацијата на спортски обложувалници велат – ако се усвои законот 10 илјади луѓе остануваат без плата, а 50 илјади работни места ќе бидат во ризик. Според нив, затворањето на овој сектор ќе предизвика и силен удар врз пазарот на недвижности, бидејќи 800 објекти кои сега се под закуп – ќе останат празни. Бараат повлекување на предложеното решение и јавна расправа со вклучување на засегнатите страни, во спротивно не ја исклучуваат можноста за протест.

„Со затворање на легалната индустрија, преку ноќ ќе се отворат стотици нелегални казина и обложувалници, како што тоа беше во деведесеттите. Овој закон целосно ја дерегулира една од најрегулираните индустрии во државата, ги става играчите во ризик и ја враќа државата години наназад“, стои во соопштението од Асоцијација на спортски обложувалници.

Минатиот месец беа затворени повеќе од 200 онлајн страници кои приредуваа игри на среќа. Според проценките, во државава има околу 1.500 објекти каде што се приредуваат игри на среќа.

 

Анита Димитријевска - Велковска