НБРМ: Намалени надоместоците за банките
Народната банка ги намали надоместоците за банките, сега на ред се комерцијалните банки да ги намалат цените на услугите за граѓаните и бизнисот при електронските плаќања, вели првиот човек на Централната банка Славески. Во однос на инфлацијата, гувернерот не очекува големи отстапки.

Народната банка очекува банките да ги намалат трошоците за граѓаните при плаќањето во денари и евра. Новиот модел на надоместоци според гувернерот, ќе придонесе за поевтини платни услуги за граѓаните и за компаниите при електронски плаќања.
Одлуката ќе стапи на сила на 1 август, а Народната банка очекува банките да покажат разбирање за јавниот интерес и за економските придобивки од достапни и евтини платежни услуги.
„Наместо досегашните трошоци од 14 евра по трансакција преку кореспондентни банки, ќе се применуваат фиксни надоместоци од 3 евра за електронски иницирани и од 5 евра за хартиени налози.“, вели Славески.
Гувернерот рече дека банките треба да ги следат сигналите на Народна банка и да ги намалат надоместоците не само за електронските плаќања, туку и на провизиите.
Одлуката на Народната банка доаѓа после состанокот со Македонската банкарска асоцијација на која Гувернерот побара од банките да ги намалат провизиите за платежни услуги кои им ги наплаќаат на граѓаните и компаниите.
Што се однесува пак до инфлацијата, гувернерот вели дека се следи состојбата и не очекува да излезе од контрола.
Гувернерот посочи дека банкарскиот сектор е стабилен, а состојбата внимателно се следи поради глобалните предизвици.
Борис Грујоски
