Школа за млади лидери

Потребни се лидери кои ќе се справат со предизвиците на новото време

19.08.2014 16:42

На годинашната школа за млади лидери, што се организира на иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов има 40 учесници и 20 предавачи од Македонија, Европа, САД, Канада и од Кина...

Живееме во свет, кој што е многу повеќе поврзан од било кога во историјата на човештвото и чуствува глобални предизвици. За животот во таков век се потребни и лидери. Со овие зборови Претседателот на Република Македонија ја отвори петтата Школа за млади лидери во Охрид, на која главна тема е процесот на носење вистински одлуки, затоа што сите околу нас ќе не препознаваат по одлуките и по нив ќе не разликуваат од другите.

Одлуки носиме секојдневно во нашиот живот, но убедливо, во тоа да се донесе вистинска одлука е она што ни го менува нашиот живот и животот на другите. Македонија да биде место на успешни луѓе, луѓе кои растат во височина со највисоки стандарди, критериуми и принципи, рече претседателот Иванов, порачувајќи им на младите лидери да гледаат напред во иднината.        

Поранешниот српски претседател и предавач на Школата, Борис Тадиќ, учествувајќи на отворањето, рече дека ни се потребни лидери, кои ќе преземат одговорност и ќе ги водат своите општества и земји во вистинската насока.

Без силно лидерство, посветеност, визија, енергија и без трпение не би можеле да решаваме таков вид проблеми и не би можеле да бидеме успешни во изнаоѓањето на решенијата за предизвиците со кои се соочуваме. Не можеме да го постигнеме тоа самостојно, бидејќи сме меѓусебно поврзани со други земји и други култури, нагласи поранешниот српски претседател Тадиќ.

На присутните им се обрати и Сенаторот во Парламентот на Канада, Доналд Дејв Мередит, кој на претседателот Иванов му оддаде признание за организацијата и за можноста што им ја дава на младите за подобрување на менаџерските и на лидерски компетенции.

Тие ќе бидат лидерите на иднината. Претседателе би ви се заблагодарил за вашата визија и желба да оставите трајно наследство, да ги одгледувате и градите младите лидери за идните генерации, рече Мередит, кој втор пат учествува на Школата за млади лидери.

На годинашната сесија која  петта година се организира на иницијатива на претседателот Иванов има 40 учесници и 20 предавачи од Македонија, Европа, САД, Канада и Кина меѓу кои и Мери Џо Џејкоби, асистент на поранешниот американски претседател Роналд Реган како и поранешниот приватен секретар на принцезата Дајана, Патрик Џефсон. Ова е редок пример во регионов со вака високо ниво предавачи. Во изминатите четири години на Школата за млади лидери учествуваа над 150 млади луѓе.

Јованчо Наумоски