Израел нападна цели во Дамаск
Израел го бомбардираше главниот град на Сирија, Дамаск, откако ескалираше насилството меѓу Друзите и сунитските бедуини на југот на земјата. Тел Авив застана во заштита на верското малцинство. Реагираше сириската влада, испраќајќи војска во регионот. Во меѓувреме, претставници на Друзите и сириската влада објавија прекин на огнот...

Блискиот Исток како буре барут. Конфликтот меѓу верската малцинска група Друзи и армијата во Сирија ги зголеми стравувањата од ново жариште. САД велат дека е договорен крај на насилствата откако Израел вчера го нападна Дамаск, а цел на нападите беше зградата на министерството за одбрана. Властите во Тел Авив велат дека сакаат да го заштитит малцинството Друзи, чии милиции во изминатите денови се судрија со сириските владини сили и бедуинските племиња.
„Ова се историски, долгогодишни соперништво меѓу различни групи на југозападот од Сирија, бедуините, заедницата Друзи, и тоа доведе до несреќна ситуација и недоразбирање, се чини, меѓу израелската и сириската страна“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
Привремениот претседател на Сирија дециден, Израел нема да ја подели неговата земја и ветува дека ќе ги заштити Друзите.
„Сирија не е полигон за тестирање на странски заговори, ниту место за исполнување на амбициите на другите на сметка на крвта на нашите деца и жени. Особено им се обраќам на нашите браќа Друзи, кои се составен дел од ткивото на оваа нација. Сирија никогаш нема да биде место за поделби, фрагментација или секташки судири. Потврдуваме дека заштитата на вашите права и слободи е меѓу нашите главни приоритети. Го отфрламе секој обид – странски или домашен – да се сее поделба во нашите редови“, изјави Ахмад ал Шара, привремен претседател на Сирија.
Сириската опсерваторија за човекови права, објави дека во немирите има стотина жртви, деца, жени и припадници на безбедносните сили. Апел за смирување на тензиите упатија и од ООН и изразија загриженост за извештаите за прераспоредување на израелските одбранбени сили во Голанската Висорамнина.
„Видовме како овие прекини на огнот беа објавени, а потоа игнорирани. Важно е борбите да престанат. Важно е сите Сиријци, без оглед на нивната националност, вероисповед или кој било друг критериум, да се чувствуваат безбедно и заштитено од нивната влада“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.
Друзите и другите жители на Дамаск стравуваат за животот на нивните најблиски. На мирен протест порачаа дека отфрлаат понатамошното ескалирање на насилството.
„Јас сум дел од сирискиот народ. И кога има неправда кон друг Сириец, тогаш не можам да молчам. Тука сум да кажам дека пролевањето крв на друг Сириец од страна на Сириец е забрането“, изјави анкетиран.
„Го отфрламе нападот врз нашата земја и ја отфрламе агресијата воопшто. Соочени со агресијата, ние сме обединети. Стоиме како една рака, од сите секти, од сите религии“, изјави анкетиран.
Од приближно еден милион Друзи во светот, поголемиот дел живеат во Сирија, а остатокот во Израел и Либан, вклучително и на Голанската висорамнина.
Маријана Димовска
