Струмица му подигна споменик на фолк- легендата Гоце Арнаудов

19.08.2014 16:48

Струмица и оддаде почит на починатата фолк- легенда Гоце Арнаудов. На денот кога овој единствен музичар кој умееше подеднакво да ги развесели и младите и возрасните требаше да наполни 60 години, му подигна споменик. На чинот на откривањето присуствуваше голем дел од македонската естрада...

Во Малиот градски парк во Струмица откриен споменикот на фолк легендата Гоце Арнаудов. Неговите колеги ги испеаја неговите песни и во чест на денешниот роденден на Арнаудов кој ќе наполнеше 60 години. Два метра висок, излиен во бронза, поставен на десетина метри од неговиот дом, изработен од струмичкиот вајар и скулптор Митко Тошев, споменикот е паметник за струмичанецот кој го прослави својот град, но и Мкаедонија со незаборавни рефрени.

„Гоце со мала драмска пауза ми вели: Ѓорѓи, јас песната со НА-НА-НА да ја испеам ќе добијам награда, но ред е нешто да се каже во неа“, се сеќава текстописецот Ѓорѓи Барбаровски.

„Ти благодарам Македонијо, ти благодарам Струмицо, благодарам што на ваков начин се оддолживте“, рече ќерката на Гоце Арнаудов, Харита Арнаудова.

Изработката на споменикот чини 1,7 милиони денари, а го финансира општина Струмица, како благодарам за сограѓанинот кој со силниот глас остави уште посилен впечаток на македонската естрада.

„Споменикот ни е потребен нам за да ни биде сведоштво за почитта која ја имаме кон човекот кој ја прославил Струмица надалеку“, рече градоначалникот Зоран Заев.

На церемонијата, присуствуваше голем дел од македонската естрада, неговото семејство, сограѓаните, а присутен беше и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Катерина Давчева