Зоран Кардула со нова самостојна изложба „Flora Imaginarium“ во НОБ
Оваа изложба е резултат на двегодишна работа на проект поврзан со еден македонски бренд, при што Кардула создаде серија уникатни дела инспирирани од флората, фантазијата и визуелниот јазик на маркетингот...

Вечерва со почеток од 20 часот, во фоајето на Националната опера и балет (НОБ) ќе се отвори изложбата „Flora Imaginarium“ на познатиот македонски уметник и графички дизајнер Зоран Кардула. Оваа изложба е резултат на двегодишна работа на проект поврзан со еден македонски бренд, при што Кардула создаде серија уникатни дела инспирирани од флората, фантазијата и визуелниот јазик на маркетингот.
Познат по своите поп-арт и конструктивистички естетики, Кардула овој пат ги комбинира елементите на илустрација, графички дизајн и визуелна поезија. Изложбата се состои од повеќе дизајнирани постери, дигитални колажи и експериментални графички композиции кои ја прикажуваат флората како визуелна симфонија, но и како форма на тивка критика.
Кардула е еден од најистакнатите македонски уметници и дизајнери, чија работа е препознаена и надвор од границите на земјата. Добитник е на повеќе меѓународни признанија, а неговите дела се изложувани во САД, Италија и ширум Балканот. Познат е по редизајнот на југословенските филмски плакати, соработките со брендови како Swatch и Swarovski.
