Тородов: Во производот на Екстра Меин има листерија 90 пати над дозволеното

19.08.2014 17:00

Генотипизацијата покажала дека сите заболени и починати јаделе производи од оваа компанија. Листерија е забележана и во погоните, односно суровините на Екстра Меин...

90 пати над дозволеното е утврдено дека има листерија во двата производи коишто госпоѓа од Прилеп ги доставила до Ветеринарниот факултет, потврдија надлежните. Генотипизацијата покажала дека сите заболени и починати јаделе производи од оваа компанија. Листерија е забележана и во погоните, односно суровините на Екстра Меин.

„Комисијата за заразни болести донесе заклучок, почнувајќи од денес, па до крајот на оваа недела да се земат мостри на сите производи од компанијата Екстра Меин кои се наоѓаат во промет, имајќи предвид дека е детектирана листерија и во суровината од која се произведуваат овие производи“, изјави денеска на прес конференција министерот за здравство, Никола Тодоров.

„Производителот не е одговорен за условите во коишто ќе се чува производот, нормално мора на производот да се специфицира точно под кои услови малопродажбата треба да го транспортира и  чува производот“, рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски.

Подобрена е и здравствената состојба на 16 годишната девојка која што беше последниот случај на заболен од оваа бактерија, велат надлежните.

„Здравствената состојба на пациентката е задоволителна, таа е сосема стабилизирана“, потврди директорот на Инфективната клиника, д-р Ѕвонко Миленковиќ.

Надлежните уште еднаш потсетија дека листеријата има долг период на инкубација, затоа тешко се открива, а се пренесува само преку храна.

Попладнево реагираше Екстра Меин со тврдење дека во нивните производи нема листерија. Од компанијата велат дека методот за утврдување на генотипизацијата не бил акредитиран од Институтот за акредитација, со што според нив, се побиваат тврдењата дека во сечканиот врат има листерија.

Дополнително, порачуваат дека поседуваат резултати од две акредитирани лаборатории кои покажуваат дека во суровините земени за анализа нема листерија.

Исто така, од Екстра Меин велат и дека извршениот надзор и увид во фабриката бил сторен без присуство на санитарен здравствен инспектор, со што се доведувала во прашање веродостојноста на резултатите.