САД

Не стивнуваат расните немири во Фергусон

19.08.2014 17:01

Деветта ноќ по ред демонстрантите жестоко ја напаѓаат полицијата и уништуваат продавници и приватни објекти. Двајца повредени и 31 приведен е билансот од вчерашните немири.

Растe тензијата и расните немири во Фергусон по смртта на тинејџерот Мајкл Браун. Деветта ноќ по ред демонстрантите жестоко ја напаѓаат полицијата и уништуваат продавници и приватни објекти.  Двајца повредени и 31 приведен е билансот од вчерашните немири. 

Полицијата неколкупати се обидела со предупредување да ја растера толпата и да воспостави ред, но насилствата на демонстрантите продолжиле пo што полицијата употребила солзавец да ja спречи  ескалацијатa.  Вклучени се и оклопни возила и хеликоптери. Според медиумите, на покривите од зградите се распоредени и снајперисти.

„Полицијата не истрела ниту еден куршум иако беше нападната, а нашите припадници запленија две пушки“, рече Рон Џонсон, полициски началник.

„Дали некогаш ви фрлиле тула? Зошто не нарекувате животни?“, прашува Тони Дејвис, демонстрант.

Уапсени се и двајца германски новинари, кои по неколку часа биле ослободени. Кога се загрозува безбедноста и се нарушува мирот, тогаш полицијата ги користи сите методи да ја стави состојбата под контрола, без исклучоци.

„Од час на час бројот на демонстрантите е се поголем. Состојбата може да ескалира. Сите сме загрижени“, рече Диана Таман, баптистички свештеник.

Американскиот претседател Барак Обама соопшти дека во Фергусон го испратил главниот државен обвинител Ерик Холдер кој лично ќе ја води истрагата за убиството. Полицијата и националната гарда на Мисури соопштија дека ќе ограничено ќе дејствуваат. Патолози кои ги ангажирало семејството на убиениот тинејџер тврдат дека во момчето биле испукани шест куршуми, од кои два во главата.