Докторка осомничена за примање поткуп
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против едно лице за кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 6 во врска со став 2 од Кривичниот законик...

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против едно лице за кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 6 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
Осомничената, доктор – офталмолог при ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, побарала од лице од ресенско подарок во износ од сто евра за да изврши службено дејствие коешто секако би морала да го изврши, односно да изведе операција – отстранување на катаракта кај сопругата на пријавувачот.
На 16 јули, таа го повикала пријавувачот на одделението за офталмологија во болницата за да ги земе парите и да закажат операција. Тој и дал една банкнота од 100 евра која претходно била обележана, па веднаш откако осомничената ги примила парите полициски службеници извршиле претрес и кај неа ги пронашле парите.
Ценејќи ги сите околности во предметот и законските основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничената.
