Македонија

Сè уште гори на неколку локации во државава

18.07.2025 08:06

Температурите паднаа, се дише, но во главниот град мирис на чад, локализиран е пожарот кај скопско Мршевци, активни се пет жаришта. Надлежните уверуваат дека се под контрола. Но ветрот сериозен непријател на огнената стихија...

Пожар на огромна површина ги зафати атарите на селата Мршевци, Ајватовци и Миладиновци во скопски Илинден. Покрај нискостеблеста, беше зафатена и борова шума, но пожарникарите, месното население и полицијата ја ставија под контрола огнената стихија. Од густиот чад намалена беше видливоста на автопатот Скопје-Куманово, истиот и затворен за сообраќај.Се случила и сообраќајна незгода. Од топлината искреле и дел од далноводите за струја.

И жителите на Мршевци на терен за спас на опожарената црква но и домовите. Пламените јазици биле силни и високи.

Поради силниот ветер не било возможно да се стават во функција противпожарните воздухоплови, но од земја се гасело се што било на располагање за гасење на огнената стихија.

Сè уште гори на неколку локации во државава. Во еден ден регистрирани биле вкупно 22 пожари.

 

Миле А. Ристески