Откуп и продолжување на закупот на државните станови до 15 септември
За да се подобрат условите за откуп АД побара од Владата да се намали учеството од 30 на 10%, каде што е предвидено, а каматата да се симне на 4,9 или 5,1% годишно...

759 корисници на станови за лица со ниски примања ќе мора да се изјаснат: дали ќе ги откупат становите што ги користат, или ќе го продолжат договорот за закуп и ќе плаќаат симболична кирија, доколку ги исполнуваат условите. Во спротивно би плаќале комерцијална закупнина, слична на пазарната, што важи за околните станови.
АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор бара најдоцна до 15-ти септември сите корисници да се изјаснат и да ги продолжат договорите кои им завршиле пред година или две. Добар дел од нив не ја плаќаат ниту симболичната кирија која се движи од 1.500 до 2.000 денари месечно.
„Во периодот кој што следи Владата на Република Македонија ќе донесе одлука за намалување на каматната стапка, според нашите предлози кои се движат од 4,9 до 5,1 отсто. Апелирам граѓаните да се одлучат за откуп на овие станови за да можат сопственоста да ја пренесат на своите поколенија“, нагласи директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов.
За да се подобрат условите за откуп АД побара од Владата да се намали учеството од 30 на 10%, каде што е предвидено, а каматата да се симне на 4,9 или 5,1% годишно.
Станарите велат дека сакаат да ги купат, но не им одгворале условите и цената.
Бројот на ратите е максимално 240. Се очекува Владата да се изјасни до крајот на идната недела. Директорот Грозданов потсетува дека проценетата вредност на становите е различна и зависи од градот, локацијата, местоположбата. Таа се движи од 340 евра за квадрат во Кичево, 460 во Кочани, 480 во Струмица, 530 во Тетово, 540 во Битола до најмногу 580 евра. Најголем број од становите се лоцирани во Скопје-157.
Последната опција, за оние што нема да го продолжат договорот за закуп ќе биде принудното иселување, затоа што голем број граѓани со ниски примања се уште чекаат да добијат слободен стан.
Свето Николовски
