Состојбата на Блискиот Исток непроменета, ООН бара единство и почитување на сите заедници
Состојбата на Блискиот Исток непроменета. Тензии, напади и нови апели за мир. Кревкото примирје во Сирија на тест. Ноќеска избувнаа нови судири меѓу Друзите и членовите на бедуинските племиња во јужна Сирија. Советот за безбедност на Обединетите нации упатени повици до Израел да се воздржи од дејствија што ризикуваат дестабилизација на Сирија и поширокиот регион. Во Газа пак, се чека примирје додека се пребројуваат жртвите и штетите од војната…

Кревкото примирје во Сирија на тест. Ноќеска избувнаа нови судири меѓу Друзите и членовите на бедуинските племиња во јужна Сирија. Владините сили повторно беа распоредени откако претходно се повлекоа според договорот за прекин на огнот со кој се запреа неколкудневните насилства. Советот за безбедност на Обединетите нации изрази загриженост за неодамнешните израелски напади во Сирија и жестоките судири меѓу сириските владини сили и милициите од малцинството Друзи.
„Израелските акции ја поткопуваат силата за изградба на нова Сирија во мир со себе и со регионот и дополнително ја дестабилизираат земјата во чувствителен момент. Од суштинско значење е и Израел и Сирија да ги почитуваат условите од Договорот од 1974 година за да се зачува прекинот на огнот меѓу двете страни“, изјави Халед Киари, помошник-генерален секретар за Блискиот Исток, Азија и Пацификот.
Вашингтон уверува дека не ги поддржале нападите во Сирија. Од Стејт департментот велат дека се во дипломатски контакт со двете страни, како за решавање на сегашната криза, така и за постигнување траен договор меѓу двете суверени држави.
„Претседателот Трамп ја изложи својата јасна визија за просперитетен Блиски Исток и стабилна Сирија во мир со себе и со своите соседи“, изјави Тами Брус, портпаролка на Стејт департментот.
Израел потврди дека извршиле повеќе од 100 напади во јужна Сирија додека интервенирале во судирите меѓу сириските владини сили и милициите поврзани со малцинството Друзи.
„Во Сирија, дејствуваме решително за да спречиме воспоставување непријателски елементи преку границата. Нашата јасна цел е да ги заштитиме граѓаните на Државата Израел и, секако, да спречиме штета на заедницата Друзи. Нема да дозволиме јужна Сирија да стане упориште на теророт“, изјави Бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
Друзите и претставниците на сириската влада доцна во средата објавија обновен прекин на огнот, со посредство на САД, Турција и арапските земји. Турскиот претседател со отворени критики кон властите во Тел Авив.
„Оние што сонуваат за отворање коридор помеѓу југот и северот на Сирија нема да ги постигнат своите цели“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
Во Газа пак, судбината и натаму неизвесна. Се чека примирје додека се пребројуваат жртвите и штетите од израелските напади. Цели градови се уништени, десетици илјади луѓе раселени. Нападната и единствената католичка црква во енклавата, осуда за таргетирање на цивилна инфраструктура пристигна од сите страни.
Маријана Димовска
