Делови од Скопје без вода или со намален притисок поради високите температури и зголемената потрошувачка
Високи температури, зголемена потрошувачка на вода. Деновиве делови од Скопје без вода или со намален притисок. Проблем со водоснабдувањето имаат и оние кои живеат на повисоките катови во станбените згради...

Децата кои имаат потреба од хоспитализација во клиниката Козле – времено ќе бидат згрижени на Детската и Инфективната клиника. Вакво решение донесе Министерството откако установата остана без вода, а изминатите денови имало слаб притисок. Надлежните велат – не станува збор за дефект, туку болницата се наоѓа во висока зона.
Во клиниката Козле ќе се вршат само амбулантски прегледи, а ќе функционира и дневната болница. Ова решение ќе биде на сила сè додека не се нормализира водоснабдувањето.
Веќе 30 дена секое капење е пресметано, а перењето луксуз, до погорните катови од зградата водата не стигнува. На 67-годишниот Јане ова му е секојдневие – полни кофи и шишиња со вода, за да може да го помине денот. Водата доаѓа само по полноќ, до изутрината ја нема.
„Станувам во еден часот по полноќ, полнам вода, да можеш нешто да измиеш, еве вака се бањаме. Како не е тешко, можеш ли на овие температури ако не се измиеш. Еве видете што сум направил“, изјави Јане Јакимовски – жител на Автокоманда.
Со недостиг од питка вода се соочуваат жители од пониската зона на Автокоманда, прстот го вперуваат во урбанизацијата. Велат се прават нови згради, старите се доградуваат, а водоводната мрежа е иста.
Изминативе денови, вода нема и во други делови на метрополата.
„Овие последниве денови, дали имавме по два часа вода. Тоа е незадоволително за едно домаќинство. За хигиена, за храна да се подготви“.
„Кога ќе дојде вода полниме кади, шишиња. Еве сега има, ама после ќе нема“.
„Денеска има, барем досега. Намалува ама ако, еден ден не е проблем, ама три дена“.
Надлежните велат – со овие капацитети во иднина метрополата ќе има уште поголеми проблеми. Неконтролираното трошење вода, но и урбанизацијата без влог во водоводната мрежа се причина за недостигот на вода. Проблем имаат и институциите сместени во кулата на Македонската телевизија кои работат со илјадници странки – надлежните го вперија прстот кон водовод дека не обезбедуваат доволно притисок, оттаму, пак, проблемот го лоцираа во хидрофорните пумпи.
Андријана Ѓурческа
