Македонија ќе ја претставуваат рекорден број млади спортисти на ЕМОФ Скопје 2025
Спортска делегација ќе брои вкупно 203 члена, од кои 181 спортист на претстојниот Европски младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули во Скопје, Куманово и Осиек...

Македонската спортска делегација ќе брои вкупно 203 члена, од кои 181 спортист на претстојниот Европски младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули во Скопје, Куманово и Осиек. Нашите претставници ќе се натпреваруваат во сите 15 спортови што се дел од програмата, што претставува историски момент за македонскиот спорт.
На денешната прес-конференција, на која официјално беше промовиран македонскиот националниот тим, се обратија Даниел Димевски, Претседател на Македонскиот олимписки комитет, Владимир Богоевски, Спортски директор на МОК и директор за спорт при ЕМОФ и Светлана Макаровска, шеф на мисијата на македонската делегација.
„Станува збор за исклучително голем настан – убедливо најголемиот што досега го организирала нашата држава. Очекуваме импресивна бројка од околу 6000 учесници, меѓу кои 4300 спортисти од 14 до 18 години и тренери, 700 судии и официјални лица, 200 ВИП гости и 800 волонтери. Тоа значи дека Македонија во овие седум дена ќе пулсира со младинска спортска енергија, што ретко се гледа дури и на многу поголеми европски спортски манифестации Организацијата на ваков фестивал е вистинска привилегија, а особено сме горди што успеавме Скопје да го вметнеме на мапата на најзначајните спортски настани во Европа. Ова е уникатна можност за промоција на нашата држава на европско ниво“, посочи претседателот на МОК.
Претседателот на МОК порача дека настапот на ЕМОФ Скопје 2025 ќе биде клучно искуство во формирањето на идните спортски шампиони на Македонија.
„Ова се тие клучни години кога секој млад спортист се профилира и се гради како идно спортско име. Убеден сум дека искуството што ќе го доживеат на ЕМОФ Скопје 2025 – можноста да се натпреваруваат со врсници од цела Европа, да носат дресот на Македонија и да бидат дел од еден европски олимписки контекст – ќе им помогне побрзо да созреат и да израснат во врвни спортисти. Горди сме што успеавме да формираме толку квалитетна и бројна делегација и што им дадовме шанса на најдобрите млади таленти од нашата земја да бидат дел од ова спортско семејство. Верувам дека нивното учество ќе биде само почеток на многу успешни спортски приказни“, истакна Димевски.
Спортскиот директор на МОК, Богоевски нагласи дека ЕМОФ Скопје 2025 ќе биде најголемиот спортски настан што некогаш се одржал во Македонија – со рекорден број спортови и натпреварувачи.
Првпат во историјата на фестивалот ќе има 15 спортови, додека на досегашните изданија најмногу биле застапени 12. Тоа е рекорд и за самиот ЕМОФ, но и за Македонија како домаќин. Убеден сум дека настан од ваков обем не само што досега не бил организиран кај нас, туку нема да се повтори барем во следните 30 години.“, посочи Богоевски, спортски директор на МОК и директор за спорт при ЕМОФ.
Шефот на мисијата на македонската делегација, Макаровска најави дека македонските спортисти се подготвени да остават силен впечаток на ЕМОФ Скопје 2025 – со поддршка од целата јавност и со Шајни, маскотата која ќе ги води низ фестивалот.
Особено ми е чест да ја претставам маскотата Шајни, која ќе ги симболизира олимписките вредности – пријателство, единство, почит и спортски дух – на сите настани во рамките на фестивалот. Со голема гордост ги најавувам и нашите знаменосци на церемонијата на свеченото отворање – Кристијан Смилев, натпреварувач во кајак, и Матеа Поповска, одбојкарка. Тие ќе го носат македонското знаме пред очите на цела Европа.
