Македонија

Родители на жртвите од „Пулс“ имале средба со премиерот

18.07.2025 16:55

Семејствата преку отворено писмо раскажаа за средбата која на 7 јули се одржала со премиерот Мицкоски. Велат дека тој откако ги разгледал барањата за надоместокот на нематеријална штета, наводно им рекол оти ова барање било исто како предлогот на СДСМ...

Преписка меѓу роднините на загинатите во дискотеката „Пулс“ и Владата. Семејствата преку отворено писмо раскажаа за средбата која на 7 јули се одржала со премиерот Мицкоски. Велат дека тој откако ги разгледал барањата за надоместокот на нематеријална штета, наводно им рекол оти ова барање било исто како предлогот на СДСМ, но без да биде ставена цена. Семејствата реагираа дека се соочиле со понижување.

„Тоа не беше само навреда, тоа беше газење врз спомените, врз болката, врз човечкото достоинство. Ако вие, господине премиер, мислите дека животите на нашите ангели имаат цена, тогаш прашуваме: колку вреди еден човечки живот? Ние немаме политички агенди, наша единствена цел е правдата.“

Од Владата ги отфрлија ваквите наводи. Оттаму велат дека посветено продолжуваат да им помагаат на семејствата од кочанската трагедија. Се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина и се прави обид да се фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на владата.

„Владата ќе биде секогаш тука за семејствата и што се однесува до нашиот ангажман и тоа што зависи од нас, ќе се трудиме правда да има, и ќе се бориме утеха некаква ако може да се најде, и секогаш ќе бидеме потпора на семејствата, во нивните потреби, барања и предизвици. Затоа што ова е и наша болка и тага, и тие не се мерат и споредуваат, туку се докажуваат со дела кои ние ги правиме и планираме да ги правиме.“, стои во реакцијата од Влада.

А скопска единица информира дека на 15-мина обвинети продолжени им се притворите. По случајот ќе постапува скопското обвинителство.

 

Миле А. Ристески