Судство

Поднесен обвинителен предлог против претседателката на ДКСК

18.07.2025 16:11

Оддавала службена тајна, му овозможила на колега – ревизор да полага во нејзино име за да добие безбедносен сертификат – поднесен обвинителен предлог против првата антикорупционерка...

Првата антикорупционерка го добила безбедносниот сертификат благодарение на нејзин поранешен колега од Заводот за ревизија. Тој полагал наместо неа откако му ја дала лозинката од електронскиот систем за обука на Дирекцијата за безбедност, со што му овозможила да го полага испитот, по што Димитровска добила сертификат и увид во сите класифицирани информации.

Поднесено е обвинение, Димитровска се гони и за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“.

„Третообвинетиот од службениот електронски уред на државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации. Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од страна на дирекција за безбедност на класифицирани информации второобвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен државна тајна“, велат од ОЈО.

Обвинителството за ревизорот предложи мерки на претпазливост, но и забрана да одржување на контакти со Димитровска. За претседателката на ДКСК остануваат да важат определените мерки од судот.

Во обвинителниот акт стои дека таа е второобвинета, бидејќи од службениот телефон преку апликациите „Вибер“ и „Вацап“ седум месеци оддавала службени тајни на обвинет во случајот „Адитив“.

Првата антикорупционерка му испраќала фотографии, иако сите податоци, документи, информации се сметаат за службена тајна и нивното откривање може да има штетни последици за постапката.

По одобрување на обвиненијата од ОЈО ГОКК ќе бараат спојување на постапката во предметот „Адитив“.

Викторија Милевска