Дијаспора

Македонци од странство во посета на Македонија

19.07.2025 14:39

Македонската дијаспора бара повеќе достапни авиолинии за да можат почесто да ја посетуваат земјава. Најголем проблем имаат граѓаните кои живеат во Соединетите Американски Држави и Канада.

Македонија земја од која се иселуваат многумина и стануваат дијаспора. Родените таму се враќаат во татковината. Некои на кратко да ја видат земјата од која потекнуваат во рамки на „Родум од Македонија 2025“. Ама, третата и четвртата генерација повеќе и не зборуваат македонски јазик.

„Има многу Македонци во американско-македонската заедница во Сиракус, Њујорк, и во блиските градови. Имаме македонска црква и се обидуваме да ја одржиме културата, но се чувствуваме оддалечени. Многу од нас, доколку беше полесно почесто би доаѓале. Јас имам двојно државјанство и размислувам да дојдам овде и да работам некое време. Сакам да се доближам до моите корени.“, изјави Изабела Атанасова – Македонка по потекло од Њујорк.

Некои за првпат се во Македонија, а некои веќе биле тука во посета на роднини. Велат, би доаѓале почесто доколку има директна авионска линија.

„Тука е моето семејство, со кое сакам да бидам поблиска и има работи што ги нема во Чикаго. Би сакала почесто да доаѓам во Македонија, но тешко е со летовите. Доколку би имало директна авионска линија, би доаѓала почесто.“, изјави Лила Ноневска-Македонка по потекло од Чикаго.

Има и пријатели на Македонија, кои не се Македонци по потекло, но кои помагаат за македонската дијаспора.

„Навистина ми се допаѓа Македонија. Ги посетив канонот Матка, планината Водно, Охрид, Битола и ништо не се споредува со нив. Дефинитивно би можела да живеам во Скопје. Ми се допаѓа што овде се е на дофат, ноќниот живот и храната.“, изјави Емили Абрамзник-Американка од Мичиген.

Расте интересот на Македонците по потекло родени во дијаспората да се вратат во Македонија.

Некои имаат и македонски пасоши, а некои чии баба и дедо заминале од Македонија, не знаат дали можат да добијат македонско државјанство. Би сакале и да гласаат на избори, некои и да играат за македонската репрезентација.

 

Ирина Гелевска