Балканот на удар на климатските промени
Екстремните временски услови со силни бури и поројни дождови, долги и чести топлотни бранови – од година на година сè се, поинтензивни. Ова лето, Балканот е на удар на суша...

Климатските промени го земаат данокот. Екстремните временски услови со силни бури и поројни дождови, долги и чести топлотни бранови – од година на година сè се, поинтензивни. Ова лето, Балканот е на удар на суша – една од најтешките во последнава деценија. Целиот регион се соочува со проблеми во водоснабдувањето што сериозно ги загрозува земјоделските посеви. На илјада и 200 метри надморска височина, на сува планина во југоисточна Србија, изворите на вода пресушија уште кон крајот на мај.
„Обично сушата почнува околу средината на август, но оваа година почна од почетокот на јуни, импровизиравме малку еден месец, се обидовме да ископаме нови бунари, но сè пресуши. Не сме имале дожд на планината од 27-ми мај“, изјави Никола Манојлевиќ – земјоделец од Мали Крчмир.
Раната суша принуди илјадници крави и коњи да талкаат низ планината, барајќи спас за жедта. Властите итно доставија залихи вода, но проблем не е само на планината – недостиг има и во селата. Пресушија десетици мали реки, езера и потоци кои вообичаено се користат за водоснабдување во руралните средини.
„Нашите земјоделци не паметат полоша и потешка година. Покрај проблемите што ги имаме овде на сувата планина, имаме проблеми и во селата. Нашето население главно се занимава со земјоделство. Тие користат 90 НАСТО од своите производи за лични потреби, па имаа проблем и со наводнувањето на посевите, па оваа година им донесе невидени проблеми на земјоделците“, изјави Милислав Филиповиќ – локален претставник во Србија.
Во опасност е производството на храна. Босанските метеоролози велат дека изминатиов јуни би можел да биде најсушниот месец во поновата историја. Во Босна, земјоделците мака мачат да ги одржат во живот посевите со пченица. Новите сорти не можат да опстанат на температури од над 40 степени.
„Се обидуваме да воведеме нови сорти пченка, иако ни тие не можат да издржат високи температури, кои се над 40 степени“, изјави Митар Савиќ – земјоделец од Сувопоље.
„Откако заврши сеидбата на пченицата, почна сушен период, а сушата траеше приближно 2 месеца, предизвикувајќи значителна штета на пченката. Обемот на штетата ќе се проценува во наредниот период“, изјави Сретен Вучковиќ – секретар за земјоделство во Општина Бјелина.
Во Хрватска неколку општини се под вонреден режим поради недостигот на вода, во Албанија и на Косово сушата влијае врз производството на електрична енергија. Во Унгарија властите формираа работни групи за справување со сушата. Сепак, долгорочни решенија и натаму недостигаат, а климатската криза се повеќе притиска. Без инвестиции во отпорноста од временските непогоди, изнаоѓање начини за модерно водоснабудавање и вложување во зелените технологии – Балканот останува ранливо подрачје.
Маја Стојанова
