Тодоров: Во свинскиот врат на „Екстра Меин“ има листерија 90 пати над дозволеното
Листерија имало и во суровините во погоните на „Екстра-Меин“, увезени од Канада и Бразил. Инспекторите до крајот на неделава ќе земат мостри од сите производи на компанијата кои се во промет...

Деведесет пати над дозволеното имало листерија во сечканиот свински врат на „Екстра-Меин“-примерок кој за испитување до ветеринарниот факултет го доставила жена од Прилеп – тврди министерот за здравство. Тој ги покажа документите од анализите.
„Аналит листерија моноцитогенис, резултат - над девет илјади колонии. Акредитирана метода по ИСО стандард 11290. И за едниот и за затворениот производ, но исто така и за отворениот прозивод, која го конзумирала жената, која го пријави случајот, од Прилеп“, рече министерот за здравство, Никола Тодоров.
Листерија имало и во суровините во погоните на „Екстра-Меин“, увезени од Канада и Бразил. Инспекторите до крајот на неделава ќе земат мостри од сите производи на компанијата кои се во промет. Според Тодоров, ако вакумиран производ илезе од производство со колонии на листерија, нема можност секундарно да се контаминира во ланецот на дистрибуција и продажба.
„Производителот не е одговорен за условите во кои се чува производот, но треба да специфицира точно под кои услови треба малопродажбата да го чува и како да се транспортира“, рече Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Надлежните потврдија дека и генотипизацијата покажала дека сите заболени и починати јаделе производ од оваа месна компанија. Се подобрува здравствената состојба на 16 годишната девојка.
„Здравствентаа состојба на пацинетката која се третира на клиниката со клиничка слика на серозен менингитис е задоволителна, она е добра, стабилизирана е сосема“, рече Звонко Миленковиќ, директор на Инфективна клиника.
Сите резултатите се доставени до Јавното обвинителство..
Надлежните уште еднаш потсетија дека листеријата има долг период на инкубација дури до 70 дена, затоа тешко се открива, а се пренесува само преку храна.
Андријана Атанасовска
