Газа

Хуманитарната катастрофа во Газа на критично ниво

21.07.2025 10:08

Израел планира да ги прошири своите операции во појасот Газа, ги повикува жителите да бегаат. Обединетите нации со остри критики за ваквиот потег. Обвинувања до Тел Авив стигаат и од Светската програма за храна...

Хуманитарната катастрофа во Газа достигнува критично ниво. По речиси една година војна меѓу Израел и Хамас, цивилите секојдневно се соочуваат со суровите услови за живот во енклавата. Недостигаат храна и лекови, а алармантна е и состојбата со водоснабдувањето. Над два милиони раселени Палестинци се загрозени од недостиг на вода за пиење. Многумина се потпираат само на испораките со цистерни.

„Проблемот со водата е многу тежок. Поминуваме по четири или пет дена без вода. Времето е жешко и децата сакаат да се истушираат, а треба и облеката да им се испере“, изјави раселено лице.

„Се трудиме колку ќе е можно повеќе да им помогнеме на што е можно повеќе луѓе да дојдат до вода, ја делиме во два или три логора, понекогаш има само за еден во зависност колкав е бројот на луѓето. Ситуацијата е тешка, тие немаат буриња или нешто што ќе им помогне за складирање на водата“, изјави возач на цистерна за вода.

Обединетите нации предупредуваат дека гладот достигнува загрижувачко ниво во енклавата, а особено на удар се децата. Го осудија ограничениот пристап до помошта. Од хуманитарните организации алармираат дека состојбата во Газа никогаш не била полоша, посочувајќи дека најмалку 85 Палестинци се убиени во обид да стигнат до храна.

„Во Газа има два милиони луѓе на работ на глад. Ни треба безбедна и достоинствена дистрибуција. Треба на хуманитарната заедница да ѝ се дозволи да си врши работата“, изјави Рејчел Камингс – директорка за „Спаси ги децата“.

Потребен е дијалог за спуштање на оружјето, светот повеќе не може да поднесе конфликти, порача Папата Лав, истакнувајќи дека мора да се стави крај на военото варварство. Повика на итен прекин на огнот во Газа.

„Апелирам до меѓународната заедница да го почитува хуманитарното право и обврската за заштита на цивилите, како и забраната за колективно казнување, неселективната употреба на сила и присилното раселување на населението. Уште еднаш повикувам на итен крај на варварството на оваа војна и на мирно решавање на конфликтот“, изјави Папа Лав 14 – поглавар на римокатоличката црква.

Во меѓувреме, палестински извори обвинуваат дека израелските одбранбени сили убиле најмалку 67 лица кои чекале камиони со хуманитарна помош од обединетите нации во северна Газа. Израелската армија тврди дека испукале само предупредувачки истрели за отстранување непосредна закана.

Маја Стојанова