Охрид

Семејното насилство во пораст

21.07.2025 14:04

Сè почесто недоразбирањата во семејствата се решаваат со насилство. Кога станува збор за Охрид, статистичките податоци на надлежните институции го потврдуваат тоа, особено во изминатите неколку години. За разлика од минатото сега како насилници иако во минимален процент се јавуваат и жените. Сепак според експертите семејното насилство посредно или непосредно најнегативно влијае врз децата...

Според евиденцијата на охридскиот Меѓуопштински центар за социјална работа во изминатите години постојано расте бројот на пријавени случаи на семејно насилство. Во 2024 – та споредено со претходната година забележано е зголемување за десет проценти, што меѓу другото според експертите е резултат на охрабрувањето на жртвите за соработка со надлежните органи. Најмногу загрижува податокот што децата се индиректни, а во одредени случаи и директни жртви на семејно насилство, при што тоа кај нив остава најголеми последици за кои е потребна поддршка и помош.

„Најчести последици кои се јавуваат кај децата се емоционалните промени, односно промени во однесувањето, проблеми со концентрацијата, проблеми со градење односи со други лица во социјална средина“, велат од Центарот за социјална работа.

Според податоците на СВР Охрид, минатата година се пријавени 90 кривични дела во врска со семејно насилство. Најчесто станува збор за загрозување на сигурноста, нанесување на тешка повреда, а во по еден случај нанесување тешка телесна повреда и противправно лишување од слобода.

„Веднаш по добивањето на пријавите за семејно насилство полициски тимови се упатуваат на местото на настанот, извршуваат разговор со жртвата, ги нотираат сите околности коишто асоцираат на сторител на начин на сторување на ова кривично дело. Друг полициски тим паралелно работи на пронаоѓање на сторителот“, изјави Стефан Димоски – портпарол на СВР Охрид.

Загрижува и тоа што голем број од пријавувачите на семејно насилство се откажуваат, при што тешко може да се открие дали тоа го прават по своја волја или поради закани и притисоци.

 

Сашо Нелоски