Украина

500 дрона и 25 ракети на небото над Украина

21.07.2025 12:46

Продолжува војната со дронови меѓу Русија и Украина. Киев, Одеса, Харков на мета на руските беспилотни летала, има загинати и повредени. Германски генерал тврди-Москва се подготвува со секојдневен бран од две илјади шахеди да ги напаѓа украинските градови. Затворени некои од аеродромите во Русија поради украинските дронови. Илјадници патници се блокирани во воздушните пристаништа на Москва. Во неделава најавена нова рунда разговори меѓу Русија и Украина во Истанбул...

Поради завивањето на сирените, уште една бессона ноќ во Киев, Харков, Одеса, Запорожје. Руските оружени сили ги лансираа најмасовните воздушни напади досега. Облак од 500 дрона и 25 крстосувачки ракети го затемни небото над Украина. Нејзините жители веќе научија да живеат попрвин под, отколку над површината на земјата.

„Останав во шок кога видов дека целиот стан ми е урнат. Сирените завиваа, нападот сè уште беше во тек. Кога заврши, дојдов да видам како гори моето живеалиште. Толку многу луѓе останаа без домови, но најважно е што повеќето сме живи“, изјави Вадим Волков-жител на Киев.

„Во една област во земјата гореше станбен комплекс. Во друга изгоре трговски центар. Во трета беше погодена и градинка. Вкупно во Украина беа погодени шест области“, изјави Павло Петров – раководител на државната служба за тревога на Украина.

Украинците возвратија со серија дронови врз аеродромите во Москва каде што беа блокирани неколку илјади патници. Застој имаше и на централниот, Шереметјево. Во посета на Украина од денеска е и шефот на француската дипломатија, Баро. Персоналот на нашата амбасада, како и жителите на Киев преноќија во засолништата, изјави министерот согледувајќи ги последиците од бомбардирањата.

„Претседателот Зеленски укажа на украинската подготвеност за нови преговори со Русија. Затоа го усвоивме најмасовниот европски пакет санкции за да им ја зголемиме цената на војната на Русија и да извршиме притисок врз Путин да прекине со огнот што ќе води натаму кон траен мир“, изјави Жан Ноел Баро – министер за надворешни работи на Франција.

Преговорите меѓу Киев и Москва најверојатно повторно ќе се одржат во Истанбул, во среда или во четврток. Украина побара договорот да не се сведува единствено на размена на воените заробеници. Во телефонскиот разговор со турскиот колега Ердоган, рускиот претседател Путин ја потврди заложбата за изнаоѓање на политичко и дипломатско решение за војната во Украина која трае 1.244 дена.

Зоран Богатинов