Кофи: Грција е единсвтена пречка за проширувањето на НАТО
Проширувањето ќе им докаже на земјите дека демократските и воените реформи се исплатат. За жал, само една земја го запира проширувањето во септември, Грција, која упорно става вето за Македонија, иако оваа земја е единствениот кандидат што е целосно подготвен за прием, пишува Лук Кофи, експерт на фондацијата „Херитиџ“ од Вашингтон...

Самитот во Велс може да биде самит за проширување. Проширувањето ќе им докаже на земјите дека демократските и воените реформи се исплатат. За жал, само една земја го запира проширувањето во септември, Грција, која упорно става вето за Македонија, иако оваа земја е единствениот кандидат што е целосно подготвен за прием, пишува Лук Кофи, експерт на фондацијата „Херитиџ“ од Вашингтон.
Во најновата анализа „Самитот на НАТО 2014, време е НАТО да се врати на основите“, Кофи наведува дека иако Хилари Клинтон по самитот во Чикаго изјави дека ова треба да биде последен самит без проширување, актуелниот американски државен секретар Џон Кери не покажува интерес за проширувањето на претстојниот самит во септември во Кардиф.
„Изгледа претседателот Барак Обама ќе биде единствениот американски претседател по крајот на Студената војна за чиј мандат немало проширување“, оценува Кофи.
„САД треба да извршат притисок врз Грција и да работат со нашите сојузници во Европа, и тие да извршат притисок врз Грција во врска со овој спор. Грците во моментов профитираат од љубезноста на Европската унија и можеби е време Грција да се оддолжи, за да не го кочи проширувањето на НАТО“, изјави Лук Кофи за МРТ.
Проширувањето на НАТО не смее да се игнорира. Членот 10 од повелбата на Алијансата вели дека секоја европска држава може да се приклучи на НАТО.
„Да не ја испуштиме оваа можност. НАТО направи многу за промоцијата на демократијата, мирот и стабилноста на Европа, повеќе од сите други меѓународни организации вклучувајќи ја и Европската унија. Самитот 2014 ќе биде клучен за Алијансата, па затоа САД мора да останат лидери во НАТО“, пишува експертот за безбедносни прашања на американската фондација „Херитиџ“.
Ирина Гелевска
