За претседателката на Антикорупциска сè уште не е побарана оставка
Разрешувањето на првата антикорупционерка е во надлежност на Собранието велат од ДКСК, спикерот Гаши чека судска пресуда. Немаме намера да правиме естрада, постои морален чин на одговорност-став на премиерот Мицкоски...

Естрадата на естрадните уметници, а политиката на политичарите. Немаме намера од случајот со претседателката на антикорупциска Татјана Димитровска да правиме естрада, вели шефот на македонската влада Христијан Мицкоски. Неговиот одговор се однесува на тоа дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе поднесат барање за разрешување на првата антикорупционерка која е обвинета за две кривични дела.
Во Собранието надлежна комисија за разрешувањето е онаа за избори и именувања, но ниедна пратеничка група сè уште не поднела барање Димитровска да е разрешена.
За членовите на Антикорупциска, Собранието е надлежно за нивно разрешување, но и тие се повикуваат на моралот на нивната претседателка. Димитровска веќе не учествува во работата на Антикорупциската комисија, бидејќи судот тоа и го забрани, но оставка од функцијата не поднесува.
Обвинета е за оддавање службена тајна на обвинет во случајот „Адитив“, но и за испитот за нејзиниот безбедносен сертификат. Не го полагала Димитровска, туку во нејзино име полагал колега од Државниот завод за ревизија.
Миле А. Ристески
