Муцунски: Софија е на потег да покаже зрелост, да застане на страната на прогресот
Муцунски очекува Софија да покаже зрелост по предлогот на Владата за заедничката резолуција со Бугарија, за да одиме напред во евроинтегративниот пат како две соседни земји во 21-ви век кои треба да работа во интерес на своите граѓани. Се работи и на препораките за акцискиот план добиени од експерти од Советот на Европа. Власта и опозицијата, пак, со меѓусебни обвинувања и навреди кој се става во служба на бугарските интереси.

Со заедничката резолуција со Бугарија во Европскиот парламент со која ќе се потврди посебноста на македонскиот идентитет и јазик ќе покажеме дека сме добри соседи и меѓусебна поддршка – вели премиерот Мицкоски. Не откри каков е одговорот на Софија. Вели, предлогот е одговор на темата која ја отворил бугарскиот претседател Радев дека за нас немало повеќе услови, туку само промената на уставот и вклучувањето на Бугарите во него.
„А потоа, во знак на добра волја, бугарската држава да ги примени пресудите од Стразбур, кои се однесуваат на човековите права што им се ускратени на Македонците во Бугарија, да ја регистрира конечно „ОМО Илинден Пирин“, за да може „ОМО Илинден Пирин“ да предложи свој претставник во министерскиот совет за заштита на малцинските права во Бугарија“, изјави претседател на Владата, Христијан Мицкоски.
Академската фела упати остри критики на предлогот за заедничка резолуција со Бугарија. Катица Ќулавкова, член на МАНУ, предлогот го оцени како руски рулет бидејќи македонскиот јазик е веќе признат факт во науката, политиката и културата.
„Билатералните политички спорови треба да си останат локални, билатерални и политички, а не да им се даде шанса да го загрозат статусот кој веќе е стекнат по сите основи“, рече Ќулавкова.
Муцунски вели, политичката реалноста е поинаква. Очекува Бугарија да покаже зрелост и да застане на страната на прогресот кој е од европски интерес.
„Политичката реалност е дека нашиот сосед и покрај сите овие непобитни факти, го негира нашиот идентитет, ја негира нашата историја и го негира нашиот јазик. И тоа за нас претставува не само ризик туку и пречка. И што велиме ние која е иницијативата на премиерот, дајте да покажеме гест, знак, иницијатива за да ја елиминираме“, изјави шефот на дипломатијата, Муцунски.
Нема дебата за постоењето на македонскиот идентитет и јазик, вели претседателката на ЛДП. Сепак, како што потенцира Зајкова – ако предложената резолуција од премиерот Мицкоски биде доставена во Брисел, ќе се лобира кај сестринските партии за нејзино изгласување.
Софија е на потег да одлучи дали ќе го прифати предлогот на владата за заедничка резолуција со Бугарија. Запознаени се и европските претставници кои сакаат да видат забрзување на пристапниот процес на Македонија.
Андријана Ѓурческа
