БЛИСКИ ИСТОК

Предупредувања за кризата со глад во Газа

22.07.2025 09:50

СЗО обвинува дека израелските сили го нападнале нивното главно складиште во Газа. Воздушните напади предизвикале пожар и голема штета, а го загрозиле и персоналот. Нови извештаи и за напади и во близина на хуманитарните пунктови. Велика Британија и други 27 земји повикаа на итен прекин на војната и го критикуваа моделот за испорака на хуманитарна помош што го применува израелската влада.

Светската здравствена организација вели дека израелските сили го нападнале нивното главно складиште во Газа, како и главниот магацин во Деир ал-Балах, со што ги загрозила нејзините операции. Воздушните напади предизвикале пожар и голема штета, а ги загрозиле и персоналот и нивните семејства, вклучувајќи ги и децата. Израел претходно се воздржа од воени акции во областа поради сомнеж дека таму се наоѓаат заложници киднапирани од Хамас. Расте бројот на жртви и во близина на хуманитарните пунктови.

„Видов луѓе како умираат, лежеа неподвижни на земја. Немаше амбулантни возила и никој не можеше да помогне. Гранатирањето беше случајно, од тенкови, воени бродови и снајперисти. Се пукаше од сите правци“, вели локален жител.

„Се мачев да стигнам до камионот и зграпчив вреќа брашно. Одеднаш, ме погодија во главата и ја изгубив свеста. Брат ми ме донесе овде. Она што се случува таму е масакр. Млади мажи умираат за храна“, рече друг.

„Областа каде што ги извлековме повредените беше исклучително опасна. Во близина имаше тенкови кои гранатираа, а улиците беа уништени, што им оневозможи на амбулантните возила да се движат. Бројот на мртви и ранети беше огромен“, изјави Јусеф Ал-Далу, болничар.

Од Хуманитарната фондација „Газа“ регистрирана во САД, а поддржана од Израел негираат дека се случиле фатални инциденти во непосредна близина на нивните пунктови за помош, велејќи дека најнасилните инциденти со најголем број жртви се поврзани со ООН или други хуманитарни конвои.

„Постојано го осудуваме насилството врз барателите на помош и работиме на подобрување на каналите за директна дистрибуција во заедниците. Би ве повикал да ги третирате информациите на Хамас за бројот на жртви со скептицизам. Постојат многу докази дека нивните податоци се несигурни“, Чапин Феј, портпарол на Хуманитарната фондација Газа.

Светската програма за храна на Обединетите нации предупредува дека кризата со глад во Газа достигнала зачудувачки нивоа на очај.

„Кризата со глад во Газа достигна нови и зачудувачки нивоа на очај. Гледаме дека тешката акутна неухранетост се зголемува – на повеќе од речиси 100.000 жени и деца им е потребен третман што е можно поскоро“, изјави Рос Смит, директор на Светската програма за храна.

Велика Британија и други 27 земји повикаа на итен прекин на војната во Газа и го критикуваа моделот за испорака на хуманитарна помош што го применува израелската влада, нарекувајќи го опасен, дестабилизирачки и понижувачки за жителите.

Маријана Димовска